Универзитетот Американ Колеџ Скопје одбележува 10 години постоење со панел дискусија на тема „Бегалци, мигранти, терористи? Справување со фактите и предрасудите“

26

american

Универзитетот Американ Колеџ Скопје (УАКС), денеска (5 октомври) во Александар палас организираше панел дискусија на тема „Бегалци, мигранти, терористи? Справување со фактите и предрасудите“ по повод одбележување на 10 годишнината од постоењето на овој универзитет. Имајќи ги предвид драматичните случувања со миграциските движења во изминатиот период кои не ја заобиколуваат нашата држава, како и големите предрасуди и факти кои пропорционално и следствено произлегуваат oд таквите случувања, оваа панел дискусија имаше за цел да даде придонес кон дебатата и размислувањата околу справување со моменталната бегалска криза која ја засега и Република Македонија. На панел дискусијата присуствуваа видни професори и научници, дипломати, амбасадори и претставници од невладиниот сектор. Свое обраќање имаа г-дин Мохамед Ариф, претставникот на УНХЦР Скопје, неговата екселенција г-дин Ернесто Масимо Белели, амбасадор на Република Италија во Македонија, д-р Зоран Шапуриќ, професор на УАКС, г-ѓа Сузана Салиу, директор на Центарот за управување со кризи, г-ѓица Мартина Смилевска, претседател на Македонското Здружение на млади правници, д-р Саит Саити, генерален секретар на Црвен Крст на Република Македонија и г-ѓа Марија Тодоровска, програмски директор во НВО Отворена Порта.

Со своето обраќање претставникот на УНХЦР во Скопје, г-дин Мохамед Ариф, говореше за улогата на УНХЦР во Република Македонија и активностите кои се имплементираат, а кои се насочени кон згрижување и обезбедување помош на бегалците кои транзитираат низ Југоисточна Европа, но пред сè низ Република Македонија. Ариф истакна неколку клучни прашања во однос на позицијата на УНХЦР за актуелната бегалска криза посочувајќи на фактот дека 80% се Сиријци од мигрантите, воедно дека кризата ќе продолжи понатаму и нема да се реши во блиска иднина, со проекција дека ќе се зголеми бројот на мигранти и бегалци, посебно од Сирија и дел од Авганистан.

Амбасадорот на Република Италија во Македонија, г-дин Ернесто Масимо Белели, говореше за тоа дека Италијанците бараат од ЕУ да се соочат со проблемот во врска со мигрантите. Зголемување на мигрантите во 2013 година изнесуваше 296%.  Г-дин Масимо Белели истакна дека сите земји во шенген зоната вклучувајќи ја и Италија, треба да го земат предвид протокот на миграција и да го намалат во следниот период. Треба да се земе предвид поделбата помеѓу северните и јужните земји. Сите земји во Европа треба да учествуваат во решавање на овој глобален проблем. Сепак постои надеж дека во најскоро време ќе се изнајде соодветно решение за стабилизација и решавање на овој феномен кои ќе им помогне како на европските, така и на неевропските земји да го решат овој проблем во поглед на бегалците и мигрантите.

Проф. д-р Зоран Шапуриќ, како претставник на Универзитетот Американ Колеџ, во своето излагање, на кратко ги образложи политиките и правото на ЕУ во областа на миграции и азил, воедно дека ЕУ широко ги отвори своите врати и покажа висок степен на солидарност. Со тоа се обезбедува финансиска поддршка за земјите кои се зафатени со проблемот и миграциите, додека пак во 2016 година се очекува фискална дисциплина на тоа прашање.

Директорката на Центарот за управување со кризи на Република Македонија г-ѓа Сузана Салиу, ја презентираше работата како и структурата на Центарот на ниво на целата територија на Република Македонија со посебен акцент на тоа дека финансиите преставуваат голем проблем за справување со мигрантската криза. Воедно г-ѓа Салиу потенцираше дека денеска (ЦЕК) центарот за економски кризи прославува 10 години од постоење.

Д-р Саит Саити, генерален секретар на Црвениот Крст на Република Македонија ги презентираше активностите на Црвениот Крст дискутирајќи за прашања поврзани со хуманитарните активности насочени кон обезбедување на поддршка и помош на мигрантите на терен. Црвениот Крст од 2012 год. се занимава со давање на здравствени услуги на бегалците. Од 1 јуни 2015 год. ЦК асисистирал околу 115.000 случаи.

Детали околу актуелните правни прописи и процедури во Република Македонија беа дискутирани од страна на г-ѓа Мартина Смилевска, претседател на Македонското Здружение на млади правници. Програмскиот директор при НВО Отворена Порта, г-ѓа Марија Тодоровска говореше за активностите на оваа организација кои се реализираат преку посебната програма за поддршка на мигранти и баратели на азил, посочувајќи исто така за предизвиците со кои оваа организација се соочува на терен.