Универзитетот Харвард повеќе не смее да прима студенти од странство

Администрацијата на Доналд Трамп соопшти дека го одзела правото на Харвард да запишува странски студенти по ескалацијата на борбата меѓу претседателот и престижниот универзитет.

– Со стапување во сила веднаш, сертификацијата за Програмата за студенти и посетители на размена (SEVIS) на Универзитетот Харвард е одземена – напиша министерката за внатрешна безбедност Кристи Ноем во писмо до институцијата од Ајви лигата, осврнувајќи се на главниот систем преку кој на странските студенти им е дозволено да студираат во САД.

Околу 7.000 странски студенти биле запишани на Харвард минатата академска година, покажуваат податоците на универзитетот, што сочинува 27,2% од неговите студенти.

Американската влада минатиот месец му се закани на Харвард со забрана на прием на странски студенти откако оттаму кажаа дека нема да потклекнат пред барањата на Трамп и беа замрзнати федерални средства за институцијата од 2,2 милијарди долари.

Белата куќа претходно испрати листа на барања до Харвард, чија цел е борба против антисемитизмот во кампусот. Тие вклучуваа промени во управувањето, праксите на вработување и во процедурите на запишување. Харвард ги одби барањата и ја обвини Белата куќа дека се обидува да го стави под своја контрола.