
Централната банка на Холандија издаде предупредување до граѓаните: секое домаќинство треба да има резерва во готово од најмалку три дена, во случај на вонредна состојба.
Се препорачува да се чуваат најмалку 70 евра по возрасен и 30 евра по дете во цврста валута за покривање на основните трошоци доколку електронските системи за плаќање престанат да работат.
Една од главните причини за ова предупредување е растечката закана од сајбер напади, кои стануваат сè поверојатни поради напнатата геополитичка ситуација, пишува Политико.
Примерот од Шпанија покажа колку сме ранливи
Во април, прекинот на електричната енергија во Шпанија и Португалија предизвика сериозни, иако краткотрајни, проблеми со плаќањето – индикација за тоа колку модерното општество е зависно од дигиталните технологии. Во такви моменти, готовината може да биде единственото решение.
Холандската централна банка препорачува да имате доволно готовина за основни трошоци за три дена – како што се вода, храна, лекови и превоз.
Совети и за трговците: Подгответе резервни методи на плаќање
Банкарите не ги заборавиле ниту трговците – им се советува да овозможат алтернативни методи на плаќање, како што се QR кодовите, во случај терминалите за картички да не работат.
Овие препораки се дел од пошироката стратегија за итни случаи на Европската комисија, објавена во март. Според овој план, на граѓаните им се советува да имаат залихи од храна за три дена, со цел да ги обезбедат основните потреби во случај на војна, природни катастрофи или други кризи.











