Управниот одбор на АвтоВАЗ ја одобри инвестициската програма за 2023 година од 585 милиони долари

Одборот на директори на водечкиот руски производител на автомобили „АвтоВАЗ“ ја одобри инвестициската програма на компанијата за 2023 година во износ од нешто помалку од 40 милијарди рубљи или 585 милиони долари, објави во понеделник руската новинска агенција РИА.
Претходно оваа година, Renault продаде мнозински удел во автомобилскиот производител АвтоВАЗ на руската држава, наводно за една рубља, со опција за откуп во рок од шест години.

На истиот принцип, Nissan го продаде својот имот во Русија за едно евро.

Во месеците по почетокот на руската инвазија на Украина во февруари, АвтоВАЗ го намали производството поради недостиг на компоненти.

Претходно овој месец, Министерството за индустрија и трговија на Руската Федерација објави дека Управниот одбор на АвтоВАЗ го одобрил производствениот план на компанијата за 2023 година на ниво од 401.000 возила, пренесе РИА.

До 6 декември, АвтоВАЗ годинава произведе 200.000 возила, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на компанијата најпозната по моделот на автомобил Лада.

Инаку, на крајот на ноември оваа година, руското Министерство за индустрија и трговија објави дека производството на Москвич, автомобилска марка од советската ера, е рестартирано во поранешната француска фабрика Рено во Москва по двe децениска пауза.