Управување со емоциите

176

emocii

Фото: Pixabay

Не треба да се мистифицираат емоциите, туку да се демистифицираат своите реакции!

Управувањето со емоциите е предуслов за квалитетен однос на работа, во фамилијата, со партнерот, со своите деца. Нашата емотивна реакција може да ни го олесни или да ни го отежни животот. Кога нешто ќе тргне наопаку, во односот со некоја личност, некако секогаш ни е полесно да се занимаваме со „другата страна”. Доколку лошата ситуација ни се случува и со други, нови луѓе, вреди да се позанимаваме со нашата емотивна реакција. Што претставуваат нашите 50%? Зошто некогаш реагираме баш така? Каква порака испраќаме? Од кое место реагираме?

Статистиката вели дека 70% од напорите да се постигне добра промена пропаѓаат, бидејќи во тек на активноста не се посветило доволно внимание на емоциите.

Емоциите, во најголем број од случаите, се инстинктивна реакција која потекнува од нашите сеќавања од слични случки кога сме доживеале пораз, победа, радост или страв. Така, однапред обоени, нашите очекувања од другите не се реални. Очекуваме многу повеќе или многу помалку. Не даваме од себе она што во моментот е потребно. Реагираме од бес, страв или идеализираме. Некому му препишуваме премногу лоши или добри особини.

Таа инстинктивна реакција се нарекува „реактивно однесување”. Кога сме „реактивни” ние длабоко во себе живееме или во минатото или во иднината, во нашите стравови или во надежта. Реалната реакција се нарекува „проактивна”. Тоа значи, фокус на решението, моменталната состојба, согледување на околностите, прифаќање на одговорност. Нашето реактивно, често се сретнува со реактивното на другите. Во овие ситуации, добро би дошло некој да остане мирен и разумен. Зошто тоа да не бидете вие?! На крај од разговорот, соговорникот ќе ви биде благодарен и на сите ќе им биде добро.

Обрнете внимание:

  • Штом сме реактивни, нешто е погрешно. Аларм!!! Освен што гледате во другите, застанете да видите што се случува и во вас.
  • Кога сме реактивни не одлучуваме добро, не гледаме добро, не согледуваме. Повлечете се додека не се вратите во рамнотежа.
  • Внимавајте да не ја „буткате” вашата вистина, само поради некој страв или очекувања.
  • Чувствувајте го биењето на вашето срце, со допир на раката и дишете длабоко. Така се врзувате за себе на вистински начин. Не можете да го слушнете биењето на срцето во минатото или иднината. Срцето чука сега, во моментот.
  • Односот со другите почнува во нас. Имате право нешто (некој) да не ви е прифатливо. Само бидете сигурно зошто е тоа така.
  • Добрите односи се засноваат на доверба и на поддршка, почитување и добра комуникација. Проверете се себе си!

Управувањето со емоциите, во суштина, значи дека сме попаметни од емоциите. Не треба да се мистифицираат емоциите, туку да се демистифицираат своите реакции. Не можеме да го промениме минатото, но може да видиме што од минатото пренесуваме како навика.

ОБВРСКИ + ЕМОЦИИ + ОДНОСИ  = КВАЛИТЕТ НА ЖИВЕЕЊЕ