Фото: Pixabay
Елементи на кариерен развој
Кариера претставува серија позиции поврзани со работата коешто едно лице ги има во текот на животот, за да ги задоволи своите индивидуални потреби. Со текот на годините, се менува природата и темпото на промени на кариерите – за разлика од минатото, одредени индивидуи многу почесто ги менуваат работните места (на пример, лица на 30 до 35 години, може веќе работеле за седум различни организации) додека во одредени професии како лекари, наставници и други не ги менуваат своите работни места.
Најдобрите луѓе нема да заминат на работни места кои се сметаат за непожелни, бидејќи немаат потреба од таква авантура, па затоа организациите треба да се фокусираат на задржување на талентите со обезбедување на обуки, менторство и предизвикувачки активности.
Кариерниот развој може да ги има следниве елементи:
Самоанализа – иако многу луѓе континуирано се самоанализираат, сепак многу често им фали мотивирање и структура која треба да ја иницира самата организација. Индивидуите наведуваат што ги интересира, што не сакаат да прават, што работат добро, кои се нивните силни и слаби страни. Многу организации или користат веќе дизајнирани алатки и психолошки тестови, кои се комерцијално достапни (на пример, попис на интереси или Strong Interest Inventory или студија на вредности на Олпорт-Вернон-Линдзи, Allport-Vernon-Lindzey) или успеале самите да развијат формулари и обуки што можат да ги користат нивните вработени. Иако личната анализа треба да е реална, сепак не треба да се фокусира само на сегашните вештини и способности, затоа што плановите за кариерен развој вообичаено подразбираат дека личноста ќе се стекне со нови вештини и обуки.
Проценка од страна на организацијата – се прави преку неколку извори при што најдобро е да се користат повеќе од еден извор или што повеќе извори за да има систем на проверка:
- Анализа на успешност при работењето (performance appraisal) и е најчесто користена алатка;
- Центри за проценка;
- Личните досиеја каде што има информации за образованието, обуките и претходното работно искуство.
Комуницирање на можностите за кариерен развој – е основа за да можат индивидуите да креираат реалистичен кариерен план, а организациите можат да ги направат следниве активности:
- Закачување на огласна табла и објавување на слободните работни места за да добијат луѓето чувство за своите опции;
- Јасно дефинирање на можните патеки за развој во рамките на организацијата што може да биде составен дел на анализата на успешното работење (performance appraisal);
- Споделување на идните планирања на одделот за човечки ресурси со вработените и со менаџерите;
- Зацртување на кариерната патека или мапа е техника со која се дефинираат чекорите за напредување од едно кон друго работно место во организацијата и опфаќа збир на развојни активности што содржат формално и неформално образование, обуки и работни искуства коишто можат да ѝ помогнат на индивидуата да биде способна да премине на понапредна позиција. Иако кариерните патеки постојат неформално, во секоја организација, тие се многу покорисни кога се формално дефинирани и документирани затоа што тогаш вработените точно знаат што треба да направат за да напредуваат во организацијата. Оваа формализација и документација резултира во конкретни описи на последователни работни искуства и како тие последователни работни искуства се поврзани едни со други. Кариерната патека ги претставува движењата на индивидуите низ можностите со текот на времето. Иако се смета дека повеќето кариерни патеки водат нагоре, добри можности постојат и во хоризонталните и вкрстено-функционалните насоки.
- Кариерно самоменаџирање – ја означува способноста на индивидуата да одржи темпо со промените што се случуваат во и надвор од организацијата и да се подготви за иднината. Како релативно нов концепт, кариерното самоменаџирање ја потенцира потребата на индивидуите да продолжат да учат затоа што работните места на кои се денес, во иднина може да се променат во нешто друго или едноставно може да ги снема. Индивидуите треба да идентификуваат и да стекнуваат нови вештини и компетенции што им овозможува да преминат на друга позиција. Позитивната страна на кариерното самоменаџирање се однесува на повисоко способни и флексибилни вработени и менаџери и нивното подолго задржување во организацијата.
Кариерно советување – активност која ги интегрира различните чекори во процесот на планирање на кариерата и може да биде направена од менаџерот на индивидуата, специјалист од одделот за човечки ресурси или од комбинација на двете, иако е подобро менаџерот да биде тоа, бидејќи има предност со практичното искуство, ја знае компанијата и е во позиција да направи реалистична проценка за организациските можности. За жал, некои менаџери имаат отпор да бидат кариерни советници, бидејќи не се соодветно обучени во областа, иако за да се биде успешен кариерен советник не треба да се биде обучен психолог.
Многу важно за кариерниот развој е периодично да се проверат кариерниот план и ситуацијата со оглед на многуте промени во самите организации и околината поради што најчесто индивидуалните кариерни планови ретко се исполнуваат според планот. Периодичната проверка е можност да се адаптира кариерниот план со цел кариерниот развој да не е попречен и да се избегне самозадоволството како најголем проблем на кариерниот развој.
Постојат четири општи индивидуални карактеристики што влијаат на изборот на кариерата на индивидуите:
Интереси – засновани на нив, луѓето се стремат кон кариера што одговара на интересите што ги имаат, но тие со текот на годините се менуваат, па одлуките за кариерата се прават врз нивните специфични вештини, способности и патеки за кариера.
Слика за себе – влијае на изборот на кариерата, бидејќи луѓето ги следат кариерите во кои можат да се „видат“ себеси и ги одбегнуваат оние кои не се вклопуваат во нивното доживување и перцепции за себе и своите таленти, мотиви и вредности.
Карактер/личност – вклучува лична ориентација (уметничка, претприемачка или реалистична наклонетост) и потреби, па така индивидуи со одредени карактерни особини се насочени кон различни групи занимања.
Социјално потекло – вклучува социоекономски статус, ниво на образование и професија на родителите.
Важен елемент на кариерниот развој претставува и периодот од животот на индивидуата и соодветната фаза во кариерата.