Ураганот Милтон еден од факторите за осцилации на цената на нафтата

87

Цените на нафтата паднаа под 79 долари во петокот, бидејќи проценките за послабата потрошувачка во САД  поради ураганот Милтон и нормализирањето на производството во Либија ги неутрализираа шпекулациите за можен израелски напад врз иранските нафтени постројки.

На лондонскиот пазар барелот се тргуваше по пладне по цена за 66 центи пониска од претходното затворање на тргувањето, по 78,74 долари. На американскиот пазар цената беше пониска за 65 центи и изнесуваше 75,2 долари, пренесува Мина.

Цените на нафтата силно флуктуираа во последните денови, по шпекулациите на инвеститорите за можен израелски напад врз нафтената инфраструктура на Иран.

Американскиот претседател Џо Бајден на крајот на минатата недела изјави дека доколку тој е на местото на Израел, би избрал друга цел.

Во средата, Бајден телефонски разговараше со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, а аналитичарите на АНЗ заклучија дека се зголемуваат стравувањата дека влијанието на сојузниците врз израелската стратегија еродира.

Арапските земји во Персискиот Залив истовремено лобираат во Вашингтон да спречи израелски напад врз иранските нафтени постројки, плашејќи се дека и нивната инфраструктура може да биде нападната доколку конфликтот ескалира, велат три извори.

Ирански функционер предупреди дека, во случај на израелски напад, Техеран би можел да возврати со напад на нафтени постројки во Персискиот залив.

„Потенцијален израелски напад врз нафтената инфраструктура на Иран може да влијае на пазарите на два начина. „Инвеститорите сметаат на резервните капацитети на другите производители, но и на значителна премија за геополитичкиот ризик во случај на напад“, напишаа аналитичарите на Barclays во белешката до клиентите.

Нагорниот тренд на цените беше запрен во петокот поради шпекулациите дека ураганот Милтон може да ја намали потрошувачката на гориво во САД.

Милтон уби најмалку десет луѓе на Флорида, прекинувајќи ја струјата. Потрошувачката на гориво може да се намали во некои делови на САД поради големата штета.

Либиската нафтена компанија, Националната нафтена корпорација, во четвртокот одделно објави дека го зголемила производството блиску до нивото пред политичката криза на 1,22 милиони барели дневно. Поради политичките партиски конфликти околу назначувањето на гувернер на централната банка и распределбата на приходите од нафтата, производството падна на само 400.000 барели дневно.

Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) одделно објави дека барел нафтена кошница на нејзините членки во четвртокот поскапе за 19 центи на 77,23 долари.