УСАИД го поддржува Саемот за вработување во Скопје

48

Проектот на УСАИД Младинска мрежа за стекнување вештини за вработување (Мрежа ЈЕС), денеска го отвори првиот Саем за вработување во Скопје, во спортскиот центар Борис Трајковски. Илјадници млади луѓе коишто бараат работа и го посетија саемот имаа можност да посетат повеќе од 80 работодавачи и директно да позборуваат во врска со нивните фирми. Поттикнати од Саемот за вработување што минатата година го одржа Проектот на УСАИД Мрежа ЈЕС во Прилеп, Агенцијата за вработување на Република Македонија го организира Саемот за вработување во Скопје, а ќе организира и уште неколку дополнителни саеми низ државата во месеците што следат.

При отворање на Саемот за вработување, Директорот на мисијата на УСАИД Џејмс Стајн забележа: „Едно од нештата коишто придонесуваат кон високата невработеност тука во Македонија е јазот помеѓу вештините коишто работниците ги имаат и вештините коишто ги бара постојниот пазар на трудот. УСАИД работи на тоа да го намали тој јаз преку здружување на јавните и приватните претпријатија да работат заедно. Саемите за вработување како овој саем се важен чекор во намалувањето на стапката на невработеност и помагањето младите да станат дел од економската обнова на Македонија.“

Зборувајќи директно со работодавачи од регионот, младите коишто бараат работа од прва рака дознаваат за опсегот на можностите во регионот, за постојните како и за можните идни слободни работни места, но и за вештините коишто би им требале за тие работни места. На фирмите што учествуваат исто така ќе им биде од полза кога соодветно вешта локална работна сила ќе биде подготвена да ги исполни нивните потреби за работна сила.