УСАИД и Владата го потпишаа третиот амандман на Договорот за грант за партнерство за развој

97

Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) го потпиша третиот амандман на Договорот за грант за партнерство за развој, со кој се обезбедуваат дополнителни 10,3 милиони американски долари за поддршка на партнерството за одржлив развој со РС Македонија. Овој договор помеѓу УСАИД и Владата на РС Македонија е петгодишен договор кој што промовира поголема вклученост, лидерство и инвестиции во земјата додека заеднички се работи на постигнување на развојните цели на земјата.

Договорот го потпишаа претставничката на Канцеларијата на УСАИД, Џери Дајбл, и министерот за финансии, Фатмир Бесими, како претставник на Владата на РС Македонија. Амбасадорката на САД Кејт Мери Бирнз беше сведок на потпишувањето на документите од договорот и ја истакна важноста од унапредување на партнерството меѓу САД и РС Македонија.

„Половина од поддршката на УСАИД преку овој Договор за грант за развојно партнерство е наменет за борбата против корупцијата. Со нашето партнерство и заедничка работа за промени кон подобро, знаеме дека земјава може да стане попросперитетна, подобро водена и поотпорна. Со потпишувањето на договорот, ние ќе продолжиме да ја даваме нашата поддршка и очекуваме да видиме значителен поврат на инвестицијата, чија реализација е предводена од владата и од народот“, истакна амбасадорката Кејт Мери Брнз.

Како што истакна министерот, наш постојан и посветен партнер и поддршка во овој процес беа нашите пријатели, Соединетите Американски Држави. Потврда за тоа е и денешното потпишување со Агенцијата на САД за меѓународен развој на Амандманот на петгодишниот Договор за грант за партнерство за развој.  „Со овој Договор, со кој САД ни доделува дополнителна поддршка во износ од 10,3 милиони долари, се поддржува развојот на демократското општество и конкурентна економија, како вредности на кои го темелиме нашето општество. Со потпишувањето на овој Амандман, досегашната ефектуирана вредност од Договорот е 22,1 милиони долари од вкупно планираните 56,6 милиони долари во рамките на овој петгодишен договор. Во оваа прилика би сакал да се заблагодарам и да нагласам дека покрај политичката поддршка, досега нашата држава има добиено и значителна финансиска поддршка од страна на  владата на САД преку УСАИД, која од 1993 година досега изнесува над 840 милиони долари“ – истакна Министерот Бесими.

Двете страни на овој договор се обврзуваат заеднички да инвестираат; да обезбедат материјални, нематеријални и човечки ресурси; и заедно да работат на постигнување на развојните цели кои се од взаемна корист. Владата на РС Македонија ја презеде водечката улога во оваа соработка – развивање, финансирање и спроведување на клучни иницијативи корисни за земјата – со дополнителна поддршка од УСАИД.

Заедничките цели изразени во Договорот се целосно во согласност со Стратегијата за соработка за развој на Северна Македонија во периодот 2020-2025 година, односно:

  • Зголемување на економскиот раст преку подобрување на конкурентност, намалување на бариерите за проширување на евроатлантските пазари и унапредување на енергетската безбедност.
  • Зголемување на ангажманот на младите за поттикнување економските можности и нивно поттикнување да преземат активна улога во развојот на земјата; и
  • Намалување на корупцијата и поттикнување на култура за одговорност.

Оваа година УСАИД слави 30 години партнерство со РС Македонија, и континуираната поддршка преку овој договор ја потврдува посветеноста на Владата на САД за постигнување на заедничките развојни цели во РС Македонија.