Уште еден “шамар“ од Pfizer за милиони граѓани на ЕУ

112

Американската фармацевтска компанија Pfizer објави дека има намера да пренесе дел од своите производствени погони од Белгија во Романија. Таму цената на трудот е пониска, пишува италијанскиот весник il Fatto Quotidiano и наведува дека поради тоа 38 од 238 вработени ќе останат без работа.

“Тоа е уште една шлаканица за милиони граѓани на Европската Унија кои бараат социјална правда, а не деловно лукавство“, рече европратеничката Даниела Рондинели.

Белгиските синдикати реагираа и на одлуката на американската компанија да го премести производството таму каде што работата чини помалку, а со тоа се зголемува и профитот.

“Тоа е невиден срам. Благодарение на европските фондови за пронаоѓање на вакцината против ковид, Pfizer заработи 3,3 милијарди евра минатата година, и тој објави дека оваа година профитот ќе биде околу 15 милијарди. Вработените во Pfizer работеа во двојни смени во последниве месеци за да се произведе потребната вакцина против ковид. На крајот на краиштата, отпуштањата се удар во стомакот на работниците“, рече Барт Декулиер, генерален секретар на белгискиот синдикат ACV.

Американската компанија Pfizer ја разви вакцината против Ковид-19 заедно со германската компанија BioNTech.

Брзиот развој на лекот беше можен благодарение на големите инвестиции во истражувањето, околу 2,5 милијарди евра, а тие добија 400 милиони евра само од ЕУ во раната фаза на истражување.

Фото: Facebook