Уште една светска валута добива дигитална форма

68

Јапонската банка (The Bank of Japan – BOJ) во понеделникот објави дека започна експерименти за проучување на можноста за издавање сопствена дигитална валута. Со овој потег им се придружува на другите глобални централни банки во истражувањето на опциите во дигиталниот сектор.

Кинезите подготвуваат план за дигитален јуан да влезе во масовна употреба, а Русија исто така најави тестирање на руската рубља во електронска форма, оваа година. Покрај тоа, Шведска има намера да стане првото општество во светот без готовина, со воведување на дигиталната круна.

Според регулаторот, првата фаза од експериментот ќе биде изведена до март 2022 година и ќе се фокусира на испитување на техничката изводливост на издавање, дистрибуција и купување дигитална валута на централната банка (CBDC). Потоа ќе се префрли на втората фаза од експериментите, кои ќе ги проучуваат подеталните функции: на пример, дали да се постават ограничувања на количината на CBDC што може да ги има секој субјект.

Планот на Јапонската банка да започне со експерименти со тоа како да управува со сопствената дигитална валута беше објавен во октомври. Нејзиниот извршен директор, Шиничи Учида, минатиот месец рече дека банката, доколку е потребно, ќе започне пилот програма со вклучување на даватели на услуги за плаќање и крајни корисници.

Најавата на Јапонската банка доаѓа во време кога глобалните централни банки напредуваат со иницијативи за развој на сопствени дигитални валути.

Фото: Pixabay