На престижниот натпревар Mundus Vini, кој по 13-ти пат се одржува во Германија, белото тероар вино Барово од бербата 2012-та на винарницата Тиквеш доби златен медал.
Најголемата македонска винарница на натпреварот освои и еден сребрен медал за виното Темјаника Special Selection од истата берба.
Годинава, меѓународното жири составено од 250 судии – дегустатори од 45 земји, ги одбра најдобрите од над 6000 вина од најпознатите вински региони во светот. Ова се трето злато и осмо сребро за висококвалитетните вина на Тиквеш на ова престижно винско натпреварување, освоени во претходните години.
Вкупната бројка на награди и признанија што ги добија врвните македонски вина на Тиквеш на светските вински натпревари оваа година, достигна 44.
“Сите награди што ги добиваме на светски познатите натпревари се значајни затоа што тие се одлична препорака за врвниот квалитет на нашите вина пред купувачите. Но, наградите од Mundus Vini имаат дополнителна тежина, особено за динамизирање на извозот на македонското висококвалитетно флаширано вино на германскиот пазар. Очекуваме дека медалите што ги освојуваме ќе помогнат во креирање на посакуваната слика за нашите врвни вина што ќе биде одлична вест не само за Тиквеш, туку и за целата македонска винска индустрија”, изјави Игор Илиевски, генерален директор на ВВ Тиквеш.
Меѓународниот натпревар за квалитет на вината – Mundus Vini се одржува од 2001-ва година.