Уште главоболки за патниците: Копнениот персонал на Луфтханза повторно штрајкува

15

Копнениот персонал на германската авиокомпанија Луфтханза денеска ќе штрајкува, соопшти синдикатот „Верди“. Ова е уште еден штрајк на работниците во германскиот транспортен сектор кои бараат повисоки плати.
Штрајкот започнува во 04:00 часот, а завршува во 7:10 часот во среда на 21 февруари. Персоналот ќе штрајкува на аеродромите во Франкфурт, Минхен, Хамбург, Берлин, Дизелдорф, Келн и Штутгарт.

Членот на Извршниот одбор на Луфтханза, Мајкл Нигеман, рече дека ова е несреќен штрајк бидејќи компанијата дала „далекосежна понуда“ за време на преговорите, која синдикатот ја одби. Тој додаде дека штрајкот нема да им одговара ниту на патниците, ниту на персоналот, пренесува БизнисИнфо.ба.

Сличен штрајк предизвика откажување на 900 од 1.000 планирани летови на почетокот на месецот, при што беа погодени околу 100.000 патници.

Верди бара зголемување на платите за 12,5 отсто за своите 25.000 вработени на терен, или најмалку 500 евра месечно за период од 12 месеци, плус еднократна исплата од 3.000 евра за да се победи инфлацијата.

Германија, најголемата европска економија, е погодена од бројни штрајкови ширум земјата кои влијаат на воздушниот сообраќај, железничкиот и јавниот транспорт.