Усогласен законот на ЕУ за „зелена“ индустрија

18

Советот на ЕУ и Европскиот парламент постигнаа договор за регулативата со која се воспоставува рамка на мерки за зајакнување на европското индустриско производство на стоки со нето нула емисии на штетни гасови, јави дописникот на МИА од Брисел.

Регулативата, позната како „Закон за нето нула индустрија“ (НЗИА), има за цел постигнување на климатските цели на ЕУ преку користење на технологии при индустриското производство што ќе ослободуваат нулто ниво на гасови кои придонесуваат за ефектот на стаклена градина.

Според министерот за економија, иновации, работа, социјална економија и земјоделство на белгискиот регион Фландрија, Џо Браунс, овој закон има за цел да ја поддржи транзицијата на европската индустрија.

– НЗИА претставува важен чекор кон создавањето на потребниот екосистем за зајакнување на производството на чисти технологии.

Европа го започна патот кон почиста и одржлива иднина за европската индустрија.

Сега созреа времето Европа да го поврати водството на глобалната сцена за чисти технологии и да изгради конкурентен, зелен и индустриски сектор што создава работни места, нагласи Браунс.

Законот има за цел да го поттикне инвестирањето во зелени технологии, со поедноставување на процедурите за добивање дозволи, поддршка на стратешки проекти, олеснет пристапот до пазарот за стратешки технолошки производи, подобрување на вештините на европската работна сила и со создавање платформа за координирање на активностите на ниво на ЕУ.

Регулативата предвидува 40 отсто од потребите на ЕУ за стратешки технолошки производи, како соларни фотоволтаични панели, турбини на ветер, батерии и топлински пумпи, да се задоволуваат од европското производство, како и складирање на најмалку 50 милиони тони јаглерод диоксид годишно до 2030 година.

Договорената верзија на законот превидува производствените проекти кои имаат поголем потенцијал за декарбонизација да имаат статус на „стратешки проекти со нето нула технологија“ со што би имале полесен пристап до градежни дозволи или пристап до финансии.

Регулативата предвидува и развојот на „нето нула индустриски долини“, како зони на кои би се концентрирале неколку компании што користат одредена технологија, со што би се создале „кластери на нето нула индустриска активност“.

Со ова се очекува да се зголеми атрактивноста на ЕУ како место за производствени активности и да се придонесе за реиндустријализација на одредени региони.

Исто така, меѓу другото, со законот се поттикнуваат органите на власта да набавуваат стоки, производи и услуги добиени со нето нула технологија, како и да го одредуваат придонесот за одржливост на животната средина како задолжителен минимален услов при јавните набавки.

„Законот за нето нула индустрија“, заедно со Законот за критични суровини и со реформите на пазарот на електрична енергија, се трите клучни законодавни иницијативи на индустрискиот план во рамки на Европскиот зелен договор, чија цел е подобрување на конкурентноста на европската индустрија со нето нула емисии на штетни гасови и за поддршка на побрзата транзиција кон климатската неутралност.