Успешна година за осигурителните друштва

36

Бруто премија од 7,19 милијарди денари, зголемен број на продадени полиси, пораст на профитабилното работење, капиталот, активата и финансиските вложувања. Ова е билансот од работењето на осигурителните друштва минатата година.

Овој сектор во 2013 бележи и зголемен број на вработени. Првпат по четири години, осигурителните друштва покажуваат позитивен финансиски резултат, но тоа не значи дека претходно прикажаните загуби се поради неуспешно работење, истакна денеска Миле Поповски од Агенцијата за супервизија на осигурувањето, јавува Миа.

“Минатата година беше уште една успешна година за осигурителната индустрија која повторно евидентира позитивни движења. Пораст се забележува и во неживотното и во осигурувањето на живот, остварената бруто премија е 2,56% поголема во однос на онаа во 2012, а нивото на капитал е 4,67 милијарди денари или четири пати повеќе од минимално потребното ниво”, посочи Поповски.

Во осигурителната индустрија моментно работат 1.600 лица, а дополнително се ангажирани уште 1.000. Порастот на вработеноста е 10%.