Фото: Pixabay
Има разлика помеѓу тоа да сте само експерт и човек во кој луѓето гледаат личност на која можат да и ги доверат своите тајни, сомневања и проблеми. Во работната околина најчесто се сретнуваме со луѓе кои со соодветни вештини и образование си ја завршуваат работата. Но, колку од нив се омилени меѓу колегите и успешни?
За да се биде омилен и успешен во работната средина не е пресудно да се има висок коефициент на интелектуална интелигенција, туку на емоционална интелигенција. Во многу истражувања се покажало дека работниците кои на тестовите за интелектуална интелигенција покажале висок резултат, понатаму во животот не достигнале значителен успех. Когнитивните способности може да укажат на постоење или на отсуство на потребен квалитет за спроведување операции со одредена сложеност, но не и на тоа дали поединецот има потенцијал да стане успешен во тоа што го работи. Способностите за самоконтрола, борбеност и истрајност се дел од емоционалниот свет со кои се одликуваат луѓето со висок коефициент на емоционална интелигенција.
Емоцијата пред мислата
Кога велам дека емоциите се од исклучителна важност во професионалното функционирање мислам на фактот дека емоционалниот ум е многу побрз од рационалниот и реагира непрекинато за да размисли на момент за она што го прави. Додека мислите се насочени на формирање реченица и надминување на проблемот, емоциите преку невербалните манифестации веќе го отсликале нашето доживување. Првиот впечаток е оставен кај претпоставениот или соработниците уште пред да го изустиме тоа што сме го мислеле. Токму поради непознавањето на тој емоционален говор на лицето и телото, многу луѓе не се свесни зашто не добиле унапредување, а го заслужиле, или зашто нивната идеја не била земена во прв план, а била најдобра итн.
Писменост, онаа емоционалната
Да се биде емоционално писмен значи да се биде способен да се управува со емоциите на начин што ја зголемува личната моќ и го подобрува квалитетот на функционирање на единката во работната околина, за себе и за луѓето околу неа. Емоционалната писменост им помага на емоциите да работат за нас, наместо против нас. Таа ги унапредува човечките меѓусебни врски, овозможува односи меѓу луѓето исполнети со емпатија, создава кооперативна клима за работа и дава можност за развивање на чувството на заедништво. Секој може да научи по нешто за своите емоции. Некои луѓе низ процесот на растење се здобиваат со високо ниво на емоционална писменост, меѓутоа, малкумина на полето на емоциите се онолку мудри колку што би можеле да бидат. Често работниците не можат да поднесат критика, веднаш почнуваат одбранбено и непријателски да се однесуваат кога ќе им се каже дека направиле пропуст во извршување на задачата. Реакцијата, како да е тоа личен напад, е доказ дека не постои свесна контрола на внатрешните импулси која, во понатамошна анализа, се воочува дека е мошне значајна и делува смирувачки за поединецот.
Одлики на емоционално писмен човек
- Изразување и разбирање на чувствата
- Контрола на темпераментот
- Емпатија
- Самостојност
- Љубезност
- Почитување
- Решавање на проблеми со разговор
- Прилагодливост
Забележувате дека за ниту една од овие карактеристики не се зборува отворено на интервју за работа, но токму тие се пресудни за постигнување на целта, за да ја добиете работата и за да бидете успешни и почитувани на истата. Токму овие карактеристики ќе го направат работникот омилен и различен од останатите. Најчесто на паузите околу него ќе има повеќе колеги, најчесто кога ќе се формира тим поголем број ќе сакаат да бидат во неговиот, најчесто тајните и доверливите информации ќе му бидат кажани повторно нему, затоа што за него рамноправноста е претпоставката, љубовта е енергијата и искреноста е методата.
Придобивки од емоционалната интелигенција
Самосвесните личности на работното место се свесни за сопствените јаки и слаби страни, ги познаваат своите емоции и свесни се како тие влијаат на нивната перцепција и на самиот процес на донесување одлука. За справување со емоциите на начин кој не го инхибира туку го олеснува постигнувањето на целите е потребна самоконтрола. Луѓето кои имаат способност за самоконтрола покажуваат емоционална зрелост која се отсликува во високата способност да се направи добра проценка и да се воспостави емоционална стабилност.
Во кратки црти
Да се биде емоционално интелигентен значи да се распознаваат сопствените емоции и емоциите на другите, колку се тие силни и што ги предизвикува. Колку и да сме сигурни во сопствената јака рационална страна, емоционалната слабост е таа која може да го попречи патот до успехот. Да се биде емоционално писмен значи да се знае како да се управува со сопствените емоции. Учењето на емоционалната писменост нé учи како се изразуваат чувствата, каде и кога да се изразуваат и како тие влијаат врз работата и соработниците. Емоционално писмените луѓе воспоставуваат добри односи како колегa, претпоставен, другар, партнер итн. Емоционалната писменост се учи, се вежба и се ужива.