Успешно извршена првата меѓународна холопортација, наскоро ќе имаме 3D виртуелни состаноци (ВИДЕО)

17

Пандемијата на коронавирус поттикна дигитализација на многу секојдневни функции од нашите животи, вклучително и средби со луѓе. Сепак, виртуелните состаноци не успеаја целосно да ги заменат средбите лице в лице.
Истражувачите се надеваат дека овој проблем би можел да се реши со холографска телепортација. Holoport овозможува холограмот на една личност веднаш да се емитува на оддалечена локација, слично како во Star Trek.

Холографска телепортација

Измислената технологија сега станува реалност. Microsoft веќе некое време работи на својот HoloLens за да изгради мешана реалност за деловни и гејминг апликации. Aexa Aerospace со седиште во Хјустон нуди софтвер кој ѝ овозможува на камерата да креира холограмски слики од предметот и околината, кои може да се гледаат со помош на HoloLens.

Користејќи ја оваа технологија, НАСА минатата година го холопортираше хирургот д-р Јозеф Шмид.

Во соработка со канадската компанија Leap Biosystems, истражувачите од Универзитетот во Западен Онтарио ја користат Aexa за да откријат медицинска примена на оваа технологија. Неодамна, истражувачите ја изведоа првата меѓународна двонасочна холографска телепортација со помош на HoloLens.

Хаптична технологија

„Транспортиравме лице од Алабама во Лондон, Онтарио, а потоа сите учесници во проектот можеа веднаш да се холопортираат во холографска форма во Хантсвил, Алабама“, објаснува професорот Адам Сирек од Western Space институтот.

Истражувачите, главно студенти по медицина, сакаат да ја користат оваа технологија за да ги олеснат медицинските прегледи во оддалечените области.

Holoport моментално работи за пренос на слика и глас, и тука завршуваат неговите можности… засега. Читањето крвен притисок, мерењето на отчукувањата на срцето или заситеноста со кислород, исто како и физичкиот допир, се далеку од дофатот на оваа технологија.

Затоа, истражувачите сега се свртуваат кон хаптична технологија, која овозможува информациите да се пренесуваат и разберат преку допир.