Успешно прво издание на Охрид камп за високо-технолошка извонредност во организација на Македонија2025

25

Изминатата недела се одржа Кампот за високо-технолошка извонредност, во организација на Македонија2025. Кампот за високо-технолошка извонредност е еднонеделна програма за напредни вештини по роботика и кодирање која се спроведе во Охрид во периодот од 18 до 24 јули 2021 год. Македонија2025 заедно со своите партнери доделија стипендии на 16 учесници на возраст од 11 до 15 години кои живеат во Македонија или во странство, но се со македонско потекло.

Учесниците имаа можност да ги развиваат нивните вештини за кодирање и роботика, да воспостават пријателства, да ги истражуваат локалните природни убавини, како и нашето културно наследство и традиција.

Завршната церемонија на Кампот и доделувањето на сертификатите се одржа во Претседателската вила Бисера во Охрид. Претседателот Пендаровски им се обрати на сите присутни на церемонијата, истакнувајќи: “Клучот за напредокот е во науката, технологијата и инженерството. Да ги поттикнеме младите да создаваат во својата татковина”.

Дополнително, главниот извршен директор на Македонија 2025, Никица Мојсоска Блажевски им честита на учесниците и се заблагодари на партнерските организациите, истакнувајќи дека се гордеат со македонските таленти во областа на роботиката и кодирањето и дека Македонија2025 и понатаму ќе имплементира програми за развој на талентите, особено за младите од ранливи категории. Мојсоска Блажевски истакна дека верува дека овој Камп ќе стане традиција.

На завршната церемонија, учесниците ги презентираа роботите коишто ги конструираа и ги програмираа во рамки на кампот за високо-технолошка извонредност.

Покровител на кампот беше Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски. Ова е трет настан од сличен карактер кој е организиран во соработка помеѓу Македонија2025 и Претседателот Пендаровски. Кампот беше реализиран со финансиска поддршка од Американската Амбасада во Скопје, Алкалоид и HerbalScience US. Дополнително, партнерски организации на овој камп беа: Македонска стопанска комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ), Млади Инженери Скопје заедно со Brainster и iSource, а организацијата на културниот дел  беше во надлежност на Охридско Лето.

Програмата е усогласена со мисијата на Македонија 2025 да гради силни партнерства и врски ширум светот. Примарната цел на оваа програма е младите да ги унапредат своите вештини за роботика и кодирање. Покрај тоа, оваа програма има за цел да обезбеди можност за младите македонци од Македонија и дијаспората да создадат мрежи, да воспостават пријателства, да ја зајакнат и да ја градат македонската култура, да ја истражуваат локалната природа и нашето културно наследство и да ја искусат македонската кујна и специјалитети.