Увозот на играчки во ЕУ е три пати поголем од извозот

Сезоната на новогодишните и божиќните празници традиционално е периодот кога децата добиваат најмногу подароци, а меѓу нив играчките секако се едни од омилените. Од кукли за девојчиња до авиони за момчиња, најголемиот дел од забавата со играчките на Европската унија доаѓа од Кина, додека повеќето европски играчки одат во Обединетото Кралство.

Увозот на играчки од остатокот на светот во ЕУ во 2021 година беше вреден 7,1 милијарди евра, додек извозот на европски производители надвор од ЕУ изнесуваше околу третина од овој износ 2,4 милијарди евра, според податоците на Евростат.

Најмногу играчки од земји надвор од ЕУ беа увезени од Кина (83 проценти) минатата година. Следен е Виетнам со само четири отсто увезени играчки и Обединетото Кралство со два отсто.

Околу една петтина од увезените играчки од земји надвор од ЕУ отишле во Германија (19 отсто), додека 17 отсто отишле во Холандија и 11 отсто во Франција.

Главна извозна дестинација надвор од ЕУ, со повеќе од една четвртина од извозот, беше Обединетото Кралство (27 проценти). Потоа, најмногу се извезувале во Швајцарија (12 проценти) и Соединетите Американски Држави (11 проценти). Заедно, овие земји учествуваа со половина од извозот на играчки во ЕУ, според извозната вредност.