Уживање

33

kolumna

Фото: Pexels

Секојдневието ни е опкружено со стресови коишто влијаат на нас и на нашето расположение. Знаејќи го тоа, убаво би било да си дозволиме моменти на релаксација и на уживање. Да го правиме она што го сакаме или она што сме го посакувале.

Но, проблемот е што и во тие моменти, уживањето не е она како што сме го очекувале и треба да биде. Причините зошто е тоа така се многубројни, но речиси сите причини зависат од самите нас. Имајќи го тоа предвид, можам да заклучам дека не знаеме да уживаме. И кога треба да уживаме, ние не уживаме. Не знаеме да уживаме во работите што ги правиме, па тоа ти е…

Што е тоа што ни прави да не знаеме да уживаме?

Има многу причини што придонесуваат да не чувствуваме задоволство, но сега повеќе ќе се задржам на самите нас и на тоа колку сме ние отворени да промениме некои работи.

  • Дружете се со новозапознаени луѓе – не велам да ги баталите старите пријатели, туку имајте место и за нови познанства. Тие ќе ви внесат свежина во вашиот живот, но и различни погледи на некои работи.
  • Истражувајте нови работи – направете си листа на желби, работи кои од секогаш сте сакале да ги направите и гледајте бар една од тие работи годишно да остварувате. Немојте да остане само на листа на желби и толку!
  • Пробајте нови работи – во секојдневните рутини, внесувајте новини. Нов пат на движење, нова позиција на мебел, нова исхрана, нова…
  • Трошете пари на нови искуства – денес е бар поевтино од кога било да си ги остварите патувањата кои од секогаш сте сакале да ги остварите. Со нивно остварување, задоволувате ваши потреби кои од секогаш сте ги мечтаеле, но и креирајте нови мемории и суштини на вашето постоење.
  • Инвестирајте во себе – што повеќе сте свесни за себе и се прифаќате себеси како личност, толку ќе бидете посреќни. Имајте време да читате книги за сопствен развој.
  • Радувајте се на победите – сме заборавиле да се радуваме на малите успеси, а да не зборуваме за поголемите. Радувајте се на секој успех, па дури и прославувајте го (во зависност од големината на успехот, нека биде и големината на прославата).
  • Излегувајте почесто – имајте време за дневни и/или ноќни прошетки. Дозволете си моменталниот воздух да влијае на вашите сетила (знам дека е загадено, но можете да одите и на некоја планина или во парк…немојте само да кукате дека немате каде).
  • Бидете активни – физичката и ментална активности ќе ви овозможи да лачите повеќе и повеќе хормони на среќа, но и начини како да се борите против сите оние хемикалии што ги испушта телото во секојдневните стресни ситуации.
  • Волонтеризам – имајте време да ѝ вратите го на околината сето она што досега ви го дала или ви го дава. Имајте време за волонтеризам или за општествено одговорни практики. Тие ќе ве исполнат лично вас, но ќе имаат влијание и врз околината.
  • Среќа – дозволете си да се чувствувате среќни. Сите ние живееме во стресни услови, па понекогаш забораваме да бидеме среќни или, ако се најдеме во таква ситуација, не знаеме како да се однесуваме. Ако се чувствувате среќни, слободно покажете и искажете го тоа.

Што и да правите, уживајте во работите што ги правите. Имајте на ум дека чувствата поминуваат. Не е можно човек да ужива 100% од својот живот, па затоа уживајте во сите моменти што ве прават среќни и радосни.

Знам дека не е лесно, но дајте си на себеси можност за уживање и опуштање на телото. Ќе видите дека ќе ви се врати со убаво.

Со успех во промените.