Вакцинација или ПЦР тест на трошок на работникот – Утре ќе се разгледуваат новите мерки на Комисијата

103

Новите мерки што ги предложи Комисијата за заразни болести се очекува утре да бидат разгледани на Главниот координативен штаб, по што за нив ќе треба да расправа и Владата.

Комисијата бара вработените на работното место да приложат сертификат за вакцинација или негативен ПЦР тест кој ќе важи најмалку 72 часа и ќе биде на трошокот на работникот, а оние кои го прележале вирусот, ќе може да приложат сертификат за прележан Ковид, но не постар од 45 дена. Доколку работникот има ретки имунолошки болести, тогаш ќе треба да приложи потврда од лекар специјалист дека не може да прими вакцина. Дел од мерките е и задолжителната вакцинација за сите здравствени работници.

Дали ќе бидат усвоени онака како што предлага Комисијата или ќе има измени, ќе се знае во текот на неделата.

Граѓаните имаат право да не се вакцинираат, но ќе треба еднаш неделно да прават тест на сопствен трошок и на тој начин да докажат дека се негативни на Kовид-19, рече министерот за здравство Венко Филипче на гостувањето во емисијата „360 степени“

На забелешката од генералниот секретар на УПОЗ дека според ОН антиковд вакцината не е задолжителна, министерот рече дека во земјава не е воведена мерка за присилна вакцинација.

– Не е точно дека ова е присилна вакцинација. Граѓаните имаат апсолутно право да не се вакцинираат, но ќе мораат еднаш неделно да прават ПЦР тест на сопствен трошок и на тој начин да докажат дека се негативни на коронавирусот. На тој начин знаеме дека здравјето на сите околу не е загрозено – изјави Филипче.

Тој истакна дека предлог-мерката за задолжителна вакцинација или негативен ПЦР тест за вработените во јавниот сектор уште во вторник ќе се најде на владина седница.