Вакцините за Западниот Балкан заедно со вакцините за ЕУ

35

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров утрово учествуваше на состанокот со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, на кој со колегите од регионот разменија информации за состојбата и подготвеноста за набавка на вакцините против Ковид-19, како и за плановите за реализација на вакцинација на приоритетните групи.

Еврокомесарот Вархеји информираше дека Европската комисија прави напори вакцините против Ковид-19 да пристигнат во земјите од Западниот Балкан паралелно со нивната дистрибуција во земјите членки на ЕУ. Тој укажа дека за специфичните потреби на секоја од земјите во регионот, ќе биде обезбедена и соодветна финансиска поддршка од страна на Унијата.

“Во период кога набавувањето на вакцината претставува врвен приоритет, ваквата иницијатива на Европската Унија е од исклучителна важност. Фактот што овие вакцини ќе бидат првите кои Северна Македонија ќе ги има на располагање е јасен сигнал дека Западниот Балкан е неизоставен дел од политиките на солидарност на Унијата, во моментите кога тоа е најпотребно“, истакна Димитров.

Додаде дека активно се работи на Планот за вакцинација базиран на препораките на ЕУ кој што врз основа на повеќе критериуми  ќе ги дефинира приоритетните групи. Се финализира анализата на приоритетните групи и се проценува бројот на пациенти кои ќе бидат првично вакцинирани.

Фото: Freepik