Ваши задолженија

21

elektricari-pixabay

Фото: Pixabay

Сите ние си имаме свои задолженија, како на работа, така и дома, но не многу ретко знаеме да направиме екскурзии и да се „позанимаваме“ со задолженијата на другите, а нашите да ги занемариме. И сè е тоа во ред сè додека нашите задолженија не се завршени на време и правилно.

Има многу работи кои влијаат на тоа, но мислам дека моментот на „туѓото е послатко“ е она што не влече да се зафатиме со туѓите работи, па дури после тоа нашите. И сето тоа мешање во туѓите работи, не завршување на своите, влијае како на вас, така и на самата средина во којашто сте. Влијае на вашата самодовербата, но и на самодовербата на вашите колеги, пријатели, брачни другари итн. Не велам дека не треба да се помогне, туку сакам да обрнам внимание на завршување на своите обврски и задолженија. А не, помагаме на сите, а тоа што ние треба да го завршиме го оставаме последно или го завршуваме површно. Е, па тоа не е во ред.

Еве ви неколку совети како да се држите до вашите задолженија, па дури после тоа на туѓите:

Правилна работна позиција – можеби ќе треба да поразговарате со тој/таа што ви го доверил тие задолженија за тоа дали тие се прифатливи за вас, односно дали сте вие за тие задолженија.

Фокус – бидете фокусирани на она што го работите и на вашите задолженија, со тоа што ќе дадете максимум од вас. Дополнително на ова, фокусирајте го целосно вашето внимание на она што го работите. Немојте да бидете површни.

Сигурност – бидете сигурни во себе и во она што ви е дадено како задолжение. И да згрешите, не е крај на светот. Но, гледајте да грешите што помалку.

Нека не ве интересира што прават другите, ако вие не сте ја завршиле вашата работа.

Емоции – научете се да ги контролирате емоциите и мислите. Тоа ќе ви помогне многу да бидете фокусирани на она што го работите.

Максимум од себе – давајте максимум од себе за сè што работите, па дури и за оние задолженија кои не ви се баш по ќеиф.

Имајте листа на задолженија пред вас и гледајте да се држите до неа. Тоа ќе ви помогне да се држите до вашите задолженија, а не до туѓите.

Стрес – контролирајте го стресот затоа што тој може да ви го одвлече вниманието од вашата работа.

И јас тука можам да ви напишам уште мал милион совети како да се држите до вашите задолженија, но сепак најважно е: Прво средете си го вашиот двор, па мешајте се во дворовите на другите околу вас.

Со успех во промените.