Вашингтон подготвува нови санкции против Русија

92

Вашингтон идната недела ќе воведе нов сет на санкции против Русија насочени кон посредници во трети земји кои ја снабдуваат Русија со делови неопходни за нејзината војска, објави американската министерка за финансии Џенет Јелен.

„Веќе следната недела ќе воведеме нови остри санкции насочени кон оние кои ја олеснуваат воената машина на Кремљ, особено против посредниците во трети земји кои ја снабдуваат Русија со делови неопходни за нејзината војска“, рече министерката во Владата на Џо Бајден на прес-конференција организирана за време на годишните состаноци на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка во Вашингтон.

Таа нагласи дека САД ќе продолжат да се борат против руското заобиколување на санкциите.

Од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, САД и нивните сојузници воведоа повеќе рунди санкции кон Русија, кои вклучуваат поединци, компании и други субјекти.

„Ние исто така ќе работиме неуморно на ослободување на економската вредност на блокираните руски суверени средства под наша јурисдикција за поддршка на Украина“, додаде Јелен.

Фото: Pixabay