Ватикан за првпат откри што поседува од недвижнини

74

Ватикан за првпат објави информации за тоа што поседува од недвижнини и откри дека има повеќе од 5.000. Според Ројтерс, тоа е дел од најдеталниот финансиски извештај на Светиот Престол досега.

Финансискиот извештај на Светата столица за 2020 година беше објавен викендов, а објавен е и буџетот на Управата за имот на Апостолската столица (APSA).

APSA управува со недвижностите и со инвестициите, исплатува плати, задолжена е за јавни набавки и за човечки ресурси.

Секој од документите дополнет е со детални податоци: графикони, мапи, интервјуа, сето тоа вкупно содржи 50 страници финансиски материјал.

Буџетот на APSA на 30 страници покажува дека Ватикан поседува 4.051 имоти во Италија и околу 1.120 во странство.

Само 14% од своите недвижнини во Италија, Ватикан ги изнајмува по пазарна цена, а остатокот го изнајмува по намалени цени, најчесто на службениците на црквата.

Околу 40% од недвижнините се изнајмени на институции како школи, манастири и болници.

Документацијата покажува дека APSA инвестира во недвижнини во луксузните делови на Лондон, Женева, Лозана и во Париз.

Специјалниот финансиски извештај кој  го објави Ватикан покажува дефицит од 64,8 милиони евра за 2020, што е пад во однос на дефицитот од 79,2 милиони во 2019 година.

Фото: Pixabay