Ваучер системот – можност на компаниите за вложување во македонскиот спорт

343

Вложување во спортот секогаш треба да се гледа од три аспекти. Првиот е вложувањето во подобрување на постојната и во изградба на нова спортска инфраструктура. Вториот столб е едукацијата на стручните тренери односно кадрите во спортот. Третиот, последен столб е масовноста.

По инвестирање во спортската инфраструктура, дојде време за спроведување на нови мерки за развој на спортот. Тоа подразбира мерки кои ќе обезбедат значајна  поддршка за федерациите, спортските клубови, како и за спортските поединци. Една таква мерка се даночните олеснувања на компаниите кои ќе се искористат за поддршка на спортот. Тоа би било додатна инјекција за спортските федерации или спортските клубови. Токму стратешката цел за развој на спортот е обезбедување услови за развој на спортот преку дополнителни средства. Со тоа ќе се придонесе за гарантирана самостојност и развој на македонскиот спорт.

Систем на ваучери за спортските федерации и клубови

Кога зборуваме за даночни олеснувања за компаниите кои ќе го поддржуваат спортот, системот на финансирање ќе функционира на база на ваучери. На тој начин ќе се обезбедат нови шест милиони евра во македонскиот спорт. Средства што би требало  во иднина да се зголемуваат. Тоа ќе значи дополнителен инпут покрај постоечката финансиска поддршка што Агенцијата за млади и спорт ја дава на федерациите. Со овој ваучерски систем, делот од данокот на добивка, ќе биде ставен на располагање на спортските субјекти, за сите спортски клубови и федерации. Тоа ќе значи подигнување на нивото за развој на квалитет и зголемување на финансиската моќ на спортските клубови. Односно секој правен субјект, отсега, ќе добие можност до 50 отсто од пресметаниот данок на добивка да го инвестира директно во спортот. Секој клуб, федерација или спортист ќе има во рака ваучер којшто значи платен данок за компанија. Сите субјекти ќе имаат еднаква шанса за примање на финансиски средства без фаворизирање.

Преку овој принцип ќе се овозможи секој спортски субјект да стане атрактивен и посакуван партнер за успешните стопански субјекти. Со тоа, компаниите, покрај сопствената промоција и општествено одговорна работа ќе добијат и конкретна финансиска мотивација за вложување во спортот.

Процедури и критериуми за користење на оваа мерка

Процедурите се едноставни, без било какви комплицирани административни постапки, без дополнително оданочување и проблеми за компаниите коишто ќе помагаат. Финансиските поволности ќе се добиваат преку пренасочување на дел од данокот на добивка од компаниите. Тоа значи дека компаниите, дел од својата обврска за данокот на добивка наместо да ја платат на државата, ќе имаат можност да ја вложат во спортски клуб или спортист. Целиот систем ќе биде спроведуван и контролиран од стручно тело кое ќе се формира во рамките на АМС. Со ова се отвора едно цело ново поглавје во развојот на спортот. Односно  ќе се овозможи поголем простор и повеќе средства, за нови спортисти и спортски клубови, како и за развој на постоечките.