Важно е да се реши проблемот!

71

problem

Фото: Pixabay

Во две проблематични ситуации, што ми се случија периодов, двајца од соработниците кога се појави проблемот ми рекоа „не се грижи, најважно е да го решиме проблемот”. И во двете ситуации се почувствував убаво, бидејќи луѓето размислуваат проактивно и во насока на решавање на ситуацијата, а не жалејќи и кукајќи – зошто и како се случил проблемот. Но, интересно е тоа што иако двете ситуации беа насочени кон остварување на иста цел, сепак двете ситуации беа различни. Намерата кај соговорниците за акција, за решавање на ситуацијата не беше иста.

Кога некој ќе ви каже дека е важно да се фокусираме на решение на проблемот, а не да бараме кривица во некого, може да има на ум две можности:

  1. Фокус на решение

Одличен став кој треба секој од нас да го има во ситуација кога ќе се случи проблем. Да не трошиме енергија залудно на обвинувања и расправања што можело и требало да се случи, туку да ги насочиме нашите мисли и фокус кон пронаоѓање на најсоодветното и најпродуктивно решение. Исто така, овој став важно е да го имаме постојано, а не само во некои ситуации, кога нас ни одговара така.

Нормално, откако ќе се реши ситуацијата, многу корисно е да се направи анализа за неа. Но, не со цел да се најде кривецот (иако мора секој да сноси одговорност за своите постапки), туку повеќе од аспект да се научи нешто, извлече поука и да не се повтори истата грешка повторно.

  1. “Спин” на муабетот 

Втората можност, во истата ситуација, може да е многу манипулативна. Соговорникот може и ќе се фокусира на решение на проблемот, но намерата не му е иста како и во првиот случај. Тој го кажува тоа само да се заштити себеси и да го сврти муабетот на друга страна. Тој знае дека вас ви одговара најбрзо решавање на проблемот и затоа го истакнува како најважно во моментот. Но, во суштина тој сакал да ја избегне одговорноста, да не ги преземе последиците, користејќи “спин” техника на дефокусирање на разговорот.

Во секој случај, ако се фокусираме на решението ќе бидеме подобри и поефикасни во извршување на работата, па макар сакале да одбегнеме некоја одговорност. Важно е да научиме од тоа и да извадиме заклучоци кои ќе нè подобрат во работата во иднина.

Следниот пат, кога ќе се најдете во слична ситуација, размислете дали навистина имате став за “решавање на проблемот” или сакате само да ја одбегнете одговорноста!?

Со успех во промените.

 

Ако имате прашање за Петар Лазаров, можете да го поставите на Бизнис советник.