Кинескиот BYD е на пат да стане еден од најголемите светски производители на електрични автомобили. За дополнително да ја задоволи побарувачката на европскиот пазар, BYD ќе гради фабрика и во Европа, а таа фабрика ќе биде лоцирана во Унгарија, дознава Frankfurter Allgemeine Sonntagszeitung.
Сепак, властите во Унгарија одбија да ја коментираат веста, додека BYD соопшти дека нема официјално да ги објави плановите за европски производствен капацитет до крајот на оваа година. BYD, всушност, веќе произведува електрични автобуси во таа земја.
Кинескиот производител на автомобили сака да се прошири во производството на автомобили во Европа. Причината е богатиот пазар, како и тоа што Европската унија размислува за воведување дополнителни царини за автомобили субвенционирани од државата произведени во Кина.
Со европска фабрика BYD би се ослободил од дополнителни финансиски давачки, односно би бил поконкурентен во ЕУ.
BYD доминира на кинескиот пазар и продава многу повеќе електрични автомобили од Tesla во таа земја. Во првата половина од годината, BYD беше најголемиот производител на plug-in хибриди во светот и вториот најголем производител на електрични автомобили во светот, зад Tesla.
Европските автомобилски гиганти Audi, Mercedes и BMW веќе имаат свои фабрики во Унгарија, пренесува Б92.