Велика Британија ги привлекува мигрантите со своето „модерно ропство“, според француски министер

75

Францускиот министер за европски прашања во понеделникот ја засили вербалната битка со Британија за пресекувањето на мигрантските канали, критикувајќи го британскиот економски модел, кој тој го опиша како еднаков на „модерно ропство“.

Мигрантите ги привлекува Велика Британија бидејќи на црниот пазар е полесно да се најдат ниско платени работни места, изјави Клемент Бон за радио „Франс Интер“.

Неговите забелешки уследија откако француската влада во неделата одржа разговори со своите европски сојузници за тоа како да ги спречи луѓето кои се обидуваат да стигнат до Британија со мали чамци, но ја повлече поканата до британската министерка за внатрешни работи Прити Пател да присуствува на состанокот, потсетува „Блумберг“.

„Зошто луѓето сакаат да одат во Британија? Поради јазикот, затоа што луѓето се обидуваат да им се придружат на нивните семејства и затоа што постои економски модел кој понекогаш е квази-модерно ропство“, рече Бон.

Претходно францускиот претседател Емануел Макрон го критикуваше британскиот премиер Борис Џонсон дека не го сфаќа сериозно проблемот со мигрантите.

Двете земји се во конфликт на неколку фронтови, вклучувајќи ги и дозволите за риболов по „Брегзит“ и миграцијата. Односите дополнително се влошија минатата недела, откако 27 лица загинаа обидувајќи се да го преминат Ла Манш.

Бон повика на поголема соработка со Лондон во преминувањето на Ла Манш и рече дека Франција не треба целосно да се откаже од договорот за управување со границите меѓу двете земји. Но, тој повика на цврст пристап во преразгледувањето на тоа како двете земји работат заедно.

„Ние Европејците сме возрасните во собата“, рече Бон. „За жал, неуспехот на „Брегзит“ е маскиран со димна завеса, што се состои во претворањето на Европа во боксерска вреќа“.

Франција е подготвена за сериозна дискусија со Велика Британија за прашања поврзани со илегалната миграција, но нема да биде заложник на внатрешната политика на Лондон, изјави во неделата министерот за внатрешни работи Џералд Дарманин.

„Британија ја напушти Европа, но не и светот. Треба да работиме напорно на овие прашања… без да бидеме заложници на британската внатрешна политика“, изјави Дарманин за новинарите по средбата со белгиските, германските и холандските колеги во Кале. Тој додаде дека тонот на Лондон приватно не е ист како во јавноста. Франција веќе 25 години се занимава со прашањето за илегалната миграција во Британија и сега е време Лондон да се разбуди, рече Дарманин.

„Ако мигрантите доаѓаат во Кале, Данкерк или северна Франција, тоа е затоа што ги привлекува Англија, особено пазарот на труд, што значи дека можете да работите во Англија без никаква идентификација“, рече тој.

„Британија мора да преземе одговорност и да ја ограничи својата економска привлечност“.

На состанокот во неделата не беше постигнато речиси ништо освен понатамошната полициска соработка. Европската агенција за гранична и крајбрежна стража се согласи да обезбеди авион од 1 декември за надгледување на северниот брег на Франција.