Велика Британија излезе од рецесија

14

Британската економија порасна за 0,6 отсто во првиот квартал од оваа година, објави во петокот Канцеларијата за национална статистика (ONS). Тоа беше посилен раст од очекуваното. ONS соопшти дека закрепнувањето било предводено од услужниот и индустрискиот сектор.

Услугите се зголемија за 0,7 отсто во првиот квартал со широк раст на целиот сектор. Преработувачката индустрија порасна за 0,8 отсто, додека градежниот сектор падна за 0,9 отсто, пишува Гардијан.

Зголемување има и на обемот на нето-трговската размена, потрошувачката на домаќинствата и државната потрошувачка. Овој раст на БДП значи дека економијата на ОК повеќе не е во техничка рецесија, откако активноста падна во третиот и четвртиот квартал од минатата година.

Британската економија порасна побрзо од многу нејзини главни конкуренти на почетокот на годината бидејќи закрепна од рецесијата. Растот од 0,6 отсто забележан во периодот јануари-март беше побрз од американскиот, каде БДП порасна за 0,4 отсто, Германија и Франција, кои забележаа раст од 0,2 отсто и Италија, која порасна за 0,3 отсто.