
Владата на Велика Британија денес, на четвртата годишнина од почетокот на војната во Украина, објави дека го вовела досега најсеопфатниот пакет санкции против Русија, кој првенствено е насочен кон приходите на Москва од енергетски извори и логистички мрежи што овозможуваат продолжување на воените операции.
Велика Британија ја вклучи компанијата „Транснефт“ меѓу речиси 300 други санкционирани руски субјекти во рамки на пакетот санкции за кој Лондон вели дека е најголемиот наметнат од британските власти од раните фази на војната во Украина.
Санкциите се објавени на четвртата годишнина од почетокот на војната.
Британската влада соопшти дека „Транснефт“ е еден од најголемите оператори на цевководи во светот и транспортира повеќе од 80 проценти од извозот на сурова нафта од Русија.
Мерката има за цел уште повеќе да ги ограничи приходите на Москва од извозот на енергија. Со санкциите се опфатени и 48 танкери за нафта.











