Весела Богдановиќ меѓу најдобрите 50 едукатори во светот

140

vase

Од илјадници апликации на пријавени иновативни наставници од повеќе од 150 земји во светот, на светскиот натпревар организиран од Varkey Gems Fondation, Весела Богдановиќ, одделенски наставник од ОУ Кочо Рацин с. Ивањевци, Могила е прогласена за една од 50-те најдобри наставници во светот. Богдановиќ продолжува да се натпреварува во изборот на еден единствен наставник кој ќе ја освои конечната титула Global Teacher Prize и наградата од еден милион долари.

Изборот е направен од стручната Академија на VGF составена од владини експерти, научници, психолози, педагози, инженери, новинари од повеќе земји во светот. Почесен претседавач на оваа фондација, чија мисија е подобрување на квалитетот на образованието на глобално ниво е Бил Клинтон, а нејзини претставници се значајни имиња од областа на образованието и бизнисот.

Весела Богдановиќ своите први чекори кон квалитетно образование ги направила со Фондацијата Чекор по чекор, кога како студент, во 2000 година, присуствувала на обуката за примена на воспитно/образовната методологија Чекор по чекор во основните училишта во Македонија. Од тогаш, па се досега, таа е најдобриот застапник на методологијата која е насочена кон детето и извонреден ентузијаст кој постојано се усовршува и во својата секојдевна пракса применува најсовремени наставни методи. Иако 12 години работи во малото селско училиште Кочо Рацин, во селото Ивањевци, општина Могила, нејзините ученици секојдневно истражуваат, учат низ игра и учат со помош на информатичката технологија, како да се наоѓаат во некое одлично училиште во високо развиените земји. Преку пренамена на отпаден материјал, со лични скромни средства и огромна креативност, заедно со своите ученици секојдневно изработува дидактички материјали по сите наставни предмети и со тоа обезбедува максимално стимулативна средина за учење, средина која наликува на свет од бајките. Не и пречи ни тоа што веке 12 години секојдневно, во лоши услови за патување и со сопствено финансирање, патува од Битола до далечното селото Ивањевци, затоа што знае дека таму со нетрпение ја чекаат нејзините ученици, секогаш насмеани и спремни за нови, интересни, истажувачки авантури. Нејзините ученици, дечињата на возраст од 5, 6 и 7 години се извор на нејзините идеи, знае често да каже. Тие се нејзини мали учители, партнери во креирање на наставниот процес. Ги слуша и почитува нивните идеи, ги знае и следи потребите на дечињата на оваа возраст, ги спојува со потребите и задачите на наставната програма и на тој начин креира магичен свет на бајки и математички приказни во кој учењето и играта се нераздвоиви.

Првата потврда за нејзината исклучителна работа ја доби од Проектот на УСАИД за основно образование, кога беше наградена со прва награда за изработеното видео на тема Квалитетни училишни практики, на кое беше прикажана нејзината работа со учениците на темата „Како птиците прават гнездо“. Весела активно учествува и на програмата на Мајкрософт во образование Пaртнери во Учењето и дава голем придонес во споделување на нејзиното досегашно портфолио со наставници од Македонија и од целиот свет преку мрежата на иновативни едукатори на Мајкрософт. Минатата година прогласена беше за Наставник експерт – едукатор на Македонија и ја претставуваше Македонија на Светскиот Форум на иновативни наставници во Барселона, Шпанија, во организација на Microsoft со проектот Magical land of fairy tales and stories. Веќе петта година работи како стручен соработник на проектот Чаробно Село во Србија. Проект на авторот е Жељана Лукиќ Радојчиќ и Организацијата Креатива, поддржан од страна на УНИЦЕФ, Министерството за образование и Министеството за туризам во Р. Србија.

Својата креативна работа редовно ја споделува како презентер на меѓународни конференции и обуки на наставници во соседните земји. Автор е неколку веб страни на кои има огромен број образовни активности кои несебично и бесплатно ги споделува со своите колеги и со родителите. Постојано е достапна за соработка и размена на совети и искуства со своите колеги преку својот профил и групата Учиме низ игра на Facebook.