
Резултатите од најновата анкета спроведена од Народната банка откриваат дека значителен дел од банките во земјава во наредните години планираат да инвестираат во нови технологии, со фокус на вештачката интелигенција (AI).
Речиси половина од испитаните банки (46%) изјавиле дека во следните три години ќе започнат со примена на AI алатки за подобрување на банкарските услуги. Од тие банки, само три досега прецизно го дефинирале буџетот што планираат да го вложат – и тоа во износ до 0,25% од сопствените средства.
Останатите 23% не се сигурни колкав дел од капиталот би одвоиле за оваа намена.
Извор: НБРМ
Кога станува збор за дигиталните производи и услуги, банките забележуваат различна искористеност на дигиталните канали кај различни групи клиенти. Според анкетата, 62% од банките процениле дека до 50% од населението ги користи дигиталните канали за пристап до банкарски услуги. Од друга страна, кај корпоративниот сектор, употребата е значително поголема – исто така 62% од банките пријавиле дека над половина од нивните деловни клиенти користат дигитални канали, а повеќе од половината од тие банки (54%) процениле дека оваа употреба се движи помеѓу 75 и 100%.

Интересен е и податокот дека електронското одобрување на кредити сè уште не е стандард во банкарството – 62% од банките не нудат онлајн кредитирање. Меѓу оние што го применуваат овој модел (38%), сите изјавиле дека не забележуваат значајна разлика во кредитниот ризик во споредба со традиционалното, лично одобрување на кредити.
Фото: Pixabay












