Вештини

49

rubik

Фото: Pexels

„Најголемата посебност на човекот се гледа во можноста за стекнување и развој на вештини. Моќ која ни е дадена надвор од нашите природни, вродени карактеристики.“                                  

                                                                                                        Discovery Channel

Без оглед дали гледаме на вештините како нешто што нè одвојува од останатиот жив свет на планетава (животните), вештините и нивото на нивно усовршување нè прави сите нас луѓето различни и помалку или повеќе успешни во животот, приватно или професионално.

Вештина по дефиниција значи научена способност да се изврши некоја задача или цел со предефинирани резултати, која побарува определено количество време и енергија. Вештините можат да се поделат во две групи, генерални и специфични. Генерални, професионални, се оние што ги вклучуваат самомотивација, лидерство, менаџерски вештини и др., сите оние што ни овозможуваат справување со секојдневните предизвици.  А специфични се оние кои се важни за определен специфичен аспект од работењето (живеењето).

Вештина = Умешност

За примена на која било вештина, без оглед дали станува збор за умешност во некој занает, медицина, уметност или друго, потребно е следење на некои општи правила. Со цел да ја развиете која било вештина, треба да сте свесни дека процесот е макотрпен, побарува енергија и време, како и поседување на некои силни карактерни особини:

1. ПРАВИЛО: Свесност

Треба да сме свесни дека постојано треба да работиме на стекнување и развој на нашите вештини. Најважно е да знаеме кои генерални и специфични вештини ни се потребни со цел да оствариме подобри резултати на работа и приватно, и континуирано да работиме на нив.

2. ПРАВИЛО: Знаење

За да развиеме некоја вештина, нам ни е потребно знаење. Убавината е што денес знаењето ни е многу достапно, и тоа за без пари. Проблемот се појавува во умешноста да се дефинира кое знаење (информации) е применливо и корисно за нас, а кое не.

3. ПРАВИЛО: Дисциплина

Карактеристика што ја поседуваат малку луѓе, посебно надвор од сферата на професионалното работење. Доколку сакаме да сме повеќе дисциплинирани, прво мора да сфатиме дека дисциплината не е правило што ни е наметнато од надвор. Таа треба да е избор на нашата сопствена волја.

4. ПРАВИЛО: Концентрација

Денес, многу е тешко да бидеме концентрирани и фокусирани на некоја работа, поради самиот начин на функционирање на човекот. Постојано сме „бомбардирани“ со безброј искушенија што нè дефокусираат. Мора да научиме како да ги елиминираме надорешните влијанија и да ги смириме мислите.

5. ПРАВИЛО: Трпение

Исто така, се коси со денешниот начин на живеење и работење. Сите ние сме научени да ги завршуваме работите веднаш и тука. Тоа е црната страна на технологијата и на маркетингот. Нè учат дека работите се прават инстант. За да успееме да совладаме некоја вештина, мора да сме свесни дека тоа не се прави преку ноќ или со едно апченце ќе се реши проблемот. Потребно е трпение и истрајност да се развие која било вештина.

6. ПРАВИЛО: Важност

Последното правило, но она што ќе ги повлече и другите, е тоа дека развојот на некоја вештина, мора да биде од огромна важност за нас. Ако нема важност, тогаш и мотивот и волјата за да работиме на нејзино остварување се губат. И нормално е ние да се откажеме. Тоа е проблемот што ние почнуваме да си го гледаме здравјето само тогаш кога ќе нè погоди нешто лошо и тогаш му даваме на здравјето поголема важност.

Со успех во промените.