Ветерни електрани Богданци почна со редовно производство на струја

179

veternici bogdanci

Паркот на ветерни електрани Богданци лоциран во месноста Ранавец, влезе во редовно производство на електрична енергија по успешно поминатите процедури на тестирање на опремата и нејзините перформанси, пишува Миа.

Во периодот од вклучувањето во пробна работа во април лани, до почетокот на јули годинава, овој капацитет е прв што користи ветер како погонска сила иако во тест производство кон електроенергетскиот систем на земјава испорача над 135.000 мегават часови електрична енергија.

Во паркот има 16 ветерници чие поставување заврши на 20 февруари минатата година, со што и официјално беше заокружена најтешката етапа од изградбата. За успешна реализација на проектот пред фазата на монтажа на ветерниците беа изградени 20/110 киловолтна трафостаница, 110 киловолтен далековод во должина од 11,8 километри, пристапни патишта, изградба на приклучно поле во КС 110/35/10 киловолти во Валандово и изградба на командна зграда.

Овој енергетски капацитет само во првите 11 месеци од работењето го испорача проектираното годишно производство од 100.000 мегават часови.

Во првата половина од годинава ветерниот парк Богданци произведе 65.000 мегават часови електрична енергија, односно 70% од вкупно планираното производство за годинава. Паркот на ветерници со производство од најмалку 100 гигават часови природно одржлива енергија веќе ги снабдува домаќинствата на преку 60.000 граѓани на Република Македонија или еден поголем град како Прилеп, Куманово, Тетово, Гостивар. Во основа годишното производство од овој капацитет е речиси еднакво на потребите на потрошувачите од Богданци, Гевгелија и Дојран.

Со овој ветерен парк се зголеми учеството на обновливите извори во портфолиото на АД Елем за 36,8 мегавати.