
„Сопственикот на една компанија со која разговарав има правило: вработува само луѓе во нивните дваесетти години, убеден дека тие внесуваат „нов живот“ во бизнисот – нови идеи, иновации и вештини.
Понекогаш е во право. Но, глобално? Науката вели дека не е во право“, напиша Џеф Хајден во една од своите статии.
Според студијата на Националното биро за економски истражувања, „просечната возраст на научниците и иноваторите во времето на нивните најголеми откритија е значително постара денес отколку во минатото. Додека генијалните увиди и откритија некогаш ги карактеризираа раните триесетти години, сега тие најчесто се случуваат по четириесеттата година.“
Резултатите покажуваат дека врвовите на перформансите се во средната возраст. „Периодот на учење и подготовка е проследен со брзо зголемување на продуктивноста, што кулминира во доцните триесетти или четириесетти години“, наведуваат истражувачите.
Искуството е новата иновација
Истото важи и за претприемачите. Истражувањето на „Journal of Business Venturing“ откри дека најуспешните претприемачи се на средна возраст, дури и во технолошкиот свет.
Основач на стартап компанија на 60 години има три пати поголеми шанси да започне успешен бизнис од 30-годишен, и двојно поголеми шанси да изгради компанија во првите 0,1 проценти во однос на приходите и профитот.
Зошто генијалноста се појавува подоцна во животот?
Хејден вели дека вештината бара време. Не е доволно само да се знаат фактите. Важно е да се разбере како тие се поврзуваат во поширок систем на знаење. Иновацијата се случува кога искуството и интуицијата се спојуваат.
Предност на зрелоста
Постарите претприемачи, за разлика од помладите, имаат поголемо деловно искуство, подобра мрежа на контакти и поголем пристап до капитал. Нивните одлуки се попромислени, а нивното разбирање на пазарот е подлабоко. Искуството, накратко, не е пречка – тоа е конкурентска предност.
Истото важи и за вработените. Да, Хајден, инспириран од истражувањето, пишува дека помладите вработени често имаат посвежо техничко знаење и побрзо ги усвојуваат новите технологии. Но, пошироките и поврзани вештини, како што се лидерство, стратешко размислување и организација, почесто се наоѓаат кај поискусните кандидати.
Клучот не е во возраста, туку во комбинацијата на вештини
Најдобриот кандидат не е „млад“ или „стар“, туку оној кој најдобро одговара на потребите на работата. „Затоа, кога вработувате, заборавете ги однапред замислените идеи и фокусирајте се на крајниот резултат: кој навистина може да придонесе за компанијата на долг рок“, советува Хајден.
Како што покажува науката – генијалноста не доаѓа преку ноќ. Понекогаш се потребни триесет, четириесет или дури шеесет години живот за целосно да се кристализира.
„На крајот на краиштата, Стив Џобс имал 21 година кога го основал Apple, но неговите најуспешни иновации се случиле дури кон крајот на четириесеттите и педесеттите години“, пишува Хајден, што е факт, како и фактот дека Џобс е еден по ред.












