Компанијата Amazon секоја година уништува големо количество непродадена стока која вклучува смарт телевизори и лаптоп компјутери, открива нова истрага.
Снимка прикажува големо количество отпад од само еден од 24 дистрибуциски центри во Велика Британија. Производите се главно некористени и сортирани со ознаката “уништи“, а станува збор за дронови, фенови, слушалки, книги и слично.
Видеото го направил еден вработен кој сакал да остане анонимен, а тврди дека работниците неделно уништуваат околу 130.000 парчиња различна стока.
“Нема причина за уништувањето. Правосмукалки, лаптопи, таблети, спакувани маски… Околу 50 % од стоката не е отворена, додека другата половина претставува вратена стока во добра состојба. Вработените станаа рамнодушни кон она што се бара од нив да го прават“, вели анонимниот извор.
Со истрагата е утврдено дека стотици илјади непродадени или вратени производи секоја недела завршуваат во “зоната за уништување“.
Во една недела во магацинот Дунфермлајн 123.000 предмети биле означени за уништување, а во истиот период само 28.000 биле дадени за донации.
Причина за уништувањето е во начинот на работење на Аmzon. Многу продавачи низ светот ги чуваат своите производи во магацините на Аmazon, а што повеќе стојат, поголеми се трошоците. На крајот е поевтино да се уништат.
Тоа што го прави Аmazon не е нелегално, а владата ги одбива повиците да интервенира со закон.
Организацијата Greenpeace наведува дека станува збор за непотребен отпад и дека ваквиот начин на справување со стоката е шокантен.
Аmazon одговори и порача дека работи на својата цел, а тоа е во иднина да нема уништување на стоката, и дека приоритет се препродажбата, донирањето и рециклирањето на непродадените производи.
Фото: Amazon











