Видео: Google Earth покажува колку се променила нашата планета во последните 37 години

160

Google овие денови на својот сервис Google Earth објави алатка која покажува колку луѓето ја промениле Земјата во изминатите неколку децении.

Алатката наречена Timelapse е замислена како анимација на сателитски снимки од нашата планета направени во периодот од 1984-та до 2020-та година. Со помош на оваа алатка, корисниците можат да направат анимација која ќе прикаже како нивниот град или држава се менувала во текот на годините.
Новата алатка е направена преку соработка на Гугл со НАСА, Европската вселенска агенција, Европската Комисија и Американскиот геолошки завод. Составени се видео-мозаици од целиот свет врз база на 24 милиони фотографии од пет различни сателити направени во период од 37 години – од 1984 година до минатата година.

Така, во релативно кратко време можете да видите како градовите растат, а за жал шумите и глечерите се намалуваат или целосно исчезнуваат.

Од левата страна на алатката постојат и веќе подготвени “времеплови“ за некои од највпечатливите предели кои се промениле во овој период. Од исчезнувањето на глечери на Алјаска, преку урбанизацијата во Кина и САД и влијанието на рударството и инфраструктурните проекти во Јужна Америка и Канада.