Видео: Изградбата на најдолгиот мост кој ќе ги спои Азија и Европа е при крај

270

Во тек е завршната фаза од изградбата на спектакуларниот висечки мост Чанакале 1915 којшто ќе ги спои Азија и Европа. Кога официјално ќе се отвори за сообраќај во март 2022 година, тоа ќе биде најдолгиот висечки мост во светот и најдолгиот мост во Турција.

Освен што спојува два континенти, овој мост го издвојува и најдолгиот распон во светот, кој меѓу двата главни пилони (високи по 318 метри) се протега до должина од дури 2.023 метри. Тоа е 32 метри повеќе од сè уште актуелниот рекордер, висечкиот мост Акаши каикјо во Јапонија (чија изградба заврши во 1998 година).

Мостот Чанакале 1915 вкупно ќе биде долг 3.563 метри, ќе има 6 сообраќајни ленти, по три во секој правец, заедно со тротоари кои на работниците ќе им служат за одржување на мостот.

Вредноста на проектот се проценува на околу 2,7 милијарди евра.

Овој мост ќе биде дел од автопатот Кинали-Текирдаг-Чанаккале-Баликешир долг 321 километар, кој ќе ги поврзува Источна Тракија и Анадолија. Отворањето на мостот се очекува на 18 март 2022 година, односно точно пет години откако беше поставен камен -темелникот од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.