(ВИДЕО) Римац му ја испорача првата Невера на поранешниот шампион во Формула 1

241

Само еден месец по завршувањето на првото производство Rimac Nevera, автомобилот #001 беше испорачан на неговиот сопственик – светскиот шампион во Формула 1 од 2016-та година, Нико Розберг.
Пред автомобилот да биде испратен во неговиот дом во Монако, Розберг пристигна во седиштето на Rimac Group во Хрватска за првпат да ја види својата Nevera во живо.

Производството на Nevera е во тек во новиот погон на периферијата на Загреб. Голем дел од главните компоненти на автомобилот се дизајнирани, конструирани и произведени во погоните на Rimac. Склопување на возилото трае околу пет недели по автомобил.

Розберг е дел од „патувањето“ на Rimac откако за првпат во живо го виде прототипот C_Two, автомобил кој по неколку години развој и тестирање стана сериска Nevera.

„Уште кога првпат го запознав Мате и го сфатив генијот зад Nevera, знаев дека го сакам првиот автомобил од серијата, дизајниран буквално од нула за да биде, не само неверојатно брз – или најбрз, туку навистина одличен за возење. Едвај чекам да видам што може да направи“, рече Розберг.

„Кога првпат почнавме да ја развиваме Nevera, тргнавме да создадеме автомобил што ќе ги импресионира дури и најдобрите возачи во светот. Нико беше на таа листа и драго ни е што еден од првите сопственици на Nevera е некој кој владее во најфокусираниот и модерен мотоспорт на планетата. Сите ние едвај чекаме да ја испратиме неговата Nevera, се надеваме дека ќе ужива во употреба како и другите негови автомобили, што е токму она што ги охрабруваме сопствениците на Nevera да го прават. И ако некој може да ги тестира границите на она што го изградивме, тој е тој. Горди сме што можеме да го наречеме Нико пријател и член на брзорастечкото семејство на сопственици на Rimac Nevera“, изјави Мате Римац, извршен директор на Rimac Group.