(Видео) Тим научници од Австралија тестираат печатени соларни панели за полнење на автомобилите на Тесла

145

Научниците во Австралија тестираат печатени соларни панели кои ќе се користат за напојување на автомобилите на Тесла на пат долг 15.100 километри. Тестирањето започнува во септември и тие се надеваат дека овој потег ќе ја поттикне јавноста да преземе чекори за да помогне во спречувањето на климатските промени.

Проектот Charge Around Australia (CAA) се заснова на полнење на батерии од електрични автомобили со 18 испечатени пластични соларни панели, од кои секој е долг 18 метри.

Панелите ќе можат да се протегаат до возилото за да можат да ја соберат сончевата светлина кога ќе им треба полнење, пишува Ројтерс.

Пронаоѓачот на печатени соларни панели, Пол Дастор, рече дека тимот од Универзитетот во Њукасл ќе ја тестира не само издржливоста на панелите, туку и нивниот потенцијал за други примени.

„Ова е всушност идеалниот начин за тестирање. Тоа ќе ни даде информации за тоа како можеме да ја користиме и напојуваме технологијата на други оддалечени локации, како што е вселената“, вели Дастор.

Испечатениот соларен панел е направен од лесна, ПЕТ пластика која може да се направи за помалку од 10 долари за метар квадратен.

Панелите се направени на комерцијален печатач кој првично се користел за печатење на етикети за вино.

Дастор рече дека употребата на панели за полнење на автомобили ќе ги натера Австралијците повеќе да размислуваат за EV, како и дека може да ја намали „анксиозноста“ поврзана со опсегот на возила.