(Видео) За да не зависат од нафта, градат џиновски центар од 800 милијарди долари

173

Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман основа компанија која ќе спроведе амбициозни планови за развој на научно-фантастичен трговски центар во Ријад до 2030 година, со цел да го направи главниот град светска метропола и да ја диверзифицира својата долгогодишна економија зависна од нафта.

Кралството има за цел да ги удвои големината и населението на својот главен град со вкупна инвестиција од 800 милијарди долари како дел од планот „Визија 2030“ за модернизација на арапската држава и намалување на нејзината зависност од приходите од извозот на нафта.

Државната новинска агенција SPA објави дека проектот на компанијата за развој на „Нова Мураба“, како што се нарекува трговскиот центар, ќе вклучува музеј, универзитет за технологија и дизајн, повеќенаменски театар и повеќе од 80 културни и забавни објекти.

Проектот треба да биде завршен до 2030 година за да биде подготвен за Светскиот Саем Експо 2030, за која е кандидат, заедно со Јужна Кореја, Украина и Италија.

Во што точно инвестираат толку пари?
Централниот дел на „Новата Мураба“ ќе биде џиновска коцка доволно голема за да собере 20 згради како на Емпаер Стејт Билдинг. Коцката ќе биде исполнета со фантастични пејзажи, асиметрична кула од наредени дини и холограми, сето тоа во обид да се создаде атмосфера за „гостопримство, малопродажба и забава“ во градот.

Како што соопшти SPA, сето тоа потпадна во плановите на Саудискиот суверен фонд за јавни инвестиции (PIF) за зајакнување на приватниот сектор, поддршка на проекти за недвижнини и локална инфраструктура и диверзификација на изворите на приход на економијата.

Се вели дека проектот се очекува да додаде 180 милијарди риали (48 милијарди американски долари) на ненафтениот БДП и да создаде 334.000 директни и индиректни работни места до 2030 година.

„Проектот Нова Мураба ќе се гради околу концептот на одржливост, со зелени површини и патеки за пешачење и возење велосипед кои ќе го подобрат квалитетот на животот преку промовирање здрави, активни животни стилови и активности во заедницата“, додаваат од СПА.

Краткорочна или долгорочна инвестиција?
Диверзификацијата на економијата на земјата со цел да не се потпира на нафтата звучи како добра идеја, особено ако се земе предвид фактот дека сите полека се префрлаат на обновливите извори на енергија.

Меѓутоа, бидејќи се работи за голема инвестиција за нешто што всушност е туризам, а кое долгорочно нема многу да се исплати, туку е повеќе од краткорочен карактер, прашање е колку ќе ја исполни зацртаната цел за земја – независност од извоз на нафта.

Да потсетиме, Нова Мураба исто така не е првиот научно-фантастичен мегапроект на Саудиска Арабија. Линија, мегаград во пустината кој е дизајниран да биде во форма на права линија, се најавува со години. Во октомври минатата година, снимките од дрон покажаа дека неговата изградба е започната.