(Видео) Започна проект од над 7 милијарди евра: Наместо 45 минути со траект – 7 минути со воз

256

Започна изградбата на најдолгиот подводен патно-железнички тунел во светот,  Фемарнбелт, кој ќе ги поврзува Данска и Германија.

Тунелот со целосно име „Fehmarn Belt Fixed Link“ ќе биде долг 18 километри и ќе се спушта до 40 метри под Балтичкото Море. Иако  Фемарнбелт нема да биде најдолгиот подводен тунел во светот (најдолгиот тунел под Ла Манш е долг 50 километри), тој ќе биде најдолгиот „потопен“ тунел, пренесува Јутарњи лист.

За разлика од тунелот под Ла Манш кој беше изграден со помош на машини за бушење, овој тунел ќе се гради со потопување на претходно изградени делови.

Изградбата на тунелот Фемарнбелт започна откако беше завршено привременото пристаниште на данската страна. Во него ќе биде сместена фабриката која треба да ги изгради 89-те масивни бетонски делови што ќе го сочинуваат тунелот.

На градежниот проект работат околу 2.500 луѓе, кои во моментов се соочуваат со проблеми со синџирот на снабдување.

„Синџирот на снабдување е предизвик во моментов, бидејќи цените на челикот и другите суровини се зголемија. Ги добиваме материјалите што ни се потребни, но ситуацијата е тешка“, изјави Хенрик Винсентсен, извршен директор на Фемерн А/С. во сопственост на данска компанија задолжена за проектот, изјави за Си-Ен-Ен.

Подводниот тунел ќе биде изграден преку Фемарнбелт , теснец помеѓу германскиот остров Фемарн и данскиот остров Лоланд. Дизајниран е како алтернатива на сегашната ферибот линија од Родби и Путгарден, која превезува милиони патници секоја година.

Патувањето кое сега трае 45 минути со траект ќе трае само седум минути со воз и 10 минути со автомобил. Тунелот Фемарнбелт ќе биде најдолгиот комбиниран патно-железнички тунел во светот. Ќе се состои од два автопати со две ленти и две електрифицирани железници.

Денес, патувањето со воз од Копенхаген до Хамбург трае околу четири и пол часа. Кога ќе заврши проектот, ќе трае два и пол часа.

Тунелот Фемарнбелт во моментов е еден од најголемите инфраструктурни проекти во Европа, со градежен буџет кој надминува седум милијарди евра. Треба да се отвори во 2029 година.