Властите во Виена на сите оние кои се заинтересирани за набавка на таканаречени транспортни велосипеди ќе им додели финансиска поддршка. Максималниот износ што ќе се рефундира е 50% од вредноста на велосипедот или до 800 евра за обичен велосипед за носење товар и до 1.000 евра на ваков вид велосипеди што имаат и електричен погон.
“Транспортните велосипеди се дел од модерната и градската логистика. Овие велосипеди имаат додадена вредност и воедно ја заштитуваат климата, особено во поголемите градови како што е Виена“, изјави Мариа Василакоу, заменик градоначалник на австриската престолнина.
Исто така, ќе бидат набавени и велосипеди што ќе носат товар, а ќе бидат ставени на располагање на помалите населби во градот. Нивната набавка ќе биде целосно финансирана од властите во Виена, а жителите на тие мали места ќе можат бесплатно да ги користат за своите потребни во било кое време.