
Виена тестира нови материјали за намалување на летната топлина. Овој град, кој бара решенија за сè потоплите лета, започна интересен експеримент – тестирање на асфалт кој се загрева помалку и ја пропушта водата.
Во лето, асфалтот може да стане вистинска печка, особено во урбаните средини каде што бетонот и асфалтот брзо се загреваат и дополнително ја зголемуваат температурата на воздухот. Тоа не е само непријатно, туку и штетно за здравјето, особено за постарите лица и децата. Затоа градските власти, заедно со експерти од Техничкиот универзитет во Виена, започнаа проект за тестирање на нови видови асфалт.
На велосипедската патека покрај бреговите на потокот Лајсингбах на југот од градот се поставени четири различни вида асфалт – еден стандарден и три иновативни. Разликата е во бојата, видот на смесата и материјалот за врзување.
Она што ги прави посебни е тоа што пропуштаат вода и се загреваат помалку. Постоечкиот асфалт ја запечатува земјата – водата не може да помине, што создава големи езерца по дожд, а мраз во зима.
Во лето, ваквите површини дополнително го загреваат градот. Новиот асфалт, кој „дише“, дозволува водата да навлезе низ него и на тој начин ја лади површината. Плус, помага природата да функционира – растенијата и дрвјата растат подобро кога водата не останува само на површината.
– Баравме нешто што е пријатно за возење велосипед, но и за шетачи со деца и луѓе во колички. И секако, тоа е добро за животната средина – рече Ули Сима, член на градската власт на Виена задолжен за планирање.
Сензори што ја мерат температурата и влажноста се инсталирани на 80 метри од патеката. Ќе покаже колку новите материјали навистина влијаат врз ладењето на околината. Доколку резултатите се добри, овој асфалт би можел да се користи низ цела Виена, особено во деловите од градот каде што летната жега е најизразена.
– Сакаме да докажеме дека ваквите промени можат да помогнат во разладувањето на градот – рече Волфганг Аблингер од градската служба за патишта.
Тестовите ќе траат три години, а најдобрата верзија на овој паметен асфалт би можела да стане нов стандард во урбаната градба.











