Вината на Тиквеш Смедеревка Ркацители и Вранец Мерлот веќе се продаваат во 156 продажни места на познатиот синџир маркети Marks and Spencer. Македонските вина се продаваат во високиот ценовен сегмент, што е дополнителна потврда за квалитетот на вината.
Првата пратка за Велика Британија ВВ Тиквеш ја реализираше минатиот месец, а вината се најдоа на полиците во Marks and Spencer во октомври. Се очекува во следниот период да следи и нова пратка.
Во соопштението на Тиквеш се вели дека за пласманот на вината во Marks and Spencer во Велика Британија, пишувал и водечкиот британски весник The Times. Во текстот под наслов Alexander the grape invades M&S авторот на текстот, пишува за производствотo на вино во Македонија, потенцирајќи ја долгата традиција уште од античко време.
Наш приоритет како водечка винарница во регионот, истакнуваат од Тиквеш, е да обезбедиме пласман на нашите вина на најпрестижните пазари.
ВВ Тиквеш пласира повеќе од 60% од вкупното производство на вина на странските пазари. Освен на пазарите во регионот, вината на Тиквеш се продаваат и на американскиот и на пазарот во Европа. Во завршна фаза се и подготовките за пробив на пазарот во Кина.
“Како резултат на зголемениот извоз, ВВ Тиквеш годинава откупи за 50% повеќе грозје во однос на лани, односно 25.000 килограми грозје. Со капацитет од над 35 милиони литри за производство и складирање на вино, ВВ Тиквеш е една од најголемите винарници во Југоисточна Европа. Просечното годишно производство изнесува околу 15 милиони литри”, се додава во соопштението.