Винарската визба Тиквеш излезе со соопштение дека за нејзините врвни македонски вина освоила дури 22 награди и високи признанија на двата најпрестижни светски вински натпревари кои се одржуваат во Лондон.
На јубилејниот 30-ти меѓународен вински натпревар IWC – International Wine Challenge 2013, вината на Тиквеш, во конкуренција од над 10.000 висококвалитетни сорти и видови вина од целиот свет освоија по четири сребрени и бронзени медали, а три вина беа специјално истакнати како особено квалитетни.
На вториот натпревар – Decanter World Wine Awards 2013 на кој оваа година учествуваа над 14.000 вина од производители од 57 земји во светот, вината на Тиквеш освоија еден сребрен медал и три бронзени, а дури седум вина, од страна на жирито, беа особено истакнати за нивниот врвен квалитет.
На двата најголеми светски собири на најквалитетните вина во светот, со сребрен медал се закитија белите тероар вина Бела вода и Барово од минатогодишната берба, како и Мускат Отонел Special Selection; Ркацители Special Selection и Совињон Блан Special Selection, исто така од бербата во 2012-та.
Белата и црвената верзија на виното Бела вода, како и белото Барово се закитија и со бронзени медали кои им беа доделени и на вината од серијата Alexandria Cuvee, во бела и розе верзија од минатогодишната реколта, како и црвеното вино Т’га за југ од бербата во 2011-та.
Истовремено, жиријата од двете натпреварувања, составени од бројни енолози и вински критичари, според прецизните и строги критериуми, дадоа високи оценки и специјално го истакнаа квалитетот на дополнителни 11 вина на Тиквеш, меѓу кои и црвените вина Alexandria Cuvee и Вранец Special Selection од бербата во 2011-та година, како и белото вино Темјаника Special Selection од минатогодишната берба.
Во сооптшението понатаму се додава дека со ваквиот голем број наградени вина на IWC и Decanter, како најголеми и најзначајни светски вински мундијали, винарската визба Тиквеш ја зацврсти својата репутација на производител со најнаградувани вина од Македонија, но и пошироко во регионот.