Фото: Pixabay
Насочени кон врвот и трудејќи се да го достигнеме замислениот успех, често се соочуваме со непријатели. Првата и најлесна задача е истите да ги пронајдеме надвор и да ги елиминираме, но веројатно потешката е да ги побараме непријателите во нас самите. Еден од таквите непријатели е стравот од неуспех или стравот од успех.
Секој страв што го формира нашата потсвест е со функција да нѐ заштити од некаква опасност, но од што би нѐ заштитил пак, стравот од неуспех? Од успех? Токму така, стравот од неуспех успева да го инхибира човекот, да го парализира и на тој начин да го “заштити” да постигне успех, бидејќи успехот може да “боли”, да нѐ направи несреќни и да ја разоткрие нашата вистинска слика. Иако звучи нелогично, голем број луѓе се соочуваат со стравот од успех. Илјадници пати сме слушнале дека “наведната глава сабја не ја сече” или “кој високо лета, ниско паѓа”. Според тоа, најстабилна позиција е кога луѓето не ризикуваат и не се трудат да постигнат поголем успех, покрај тоа што поседуваат потенцијали и мечтеат за истиот. На свесно ниво личноста си посакува остварување на целите, но потсвеста поставува забрани со кои се избегнува однесувањето што води до нив.
Барајќи ги во потсвеста причините кои го формираат стравот од успех, наидуваме на неколку претпоставки:
Рушење на лажната слика за себе. Да се биде на врвот значи туѓите очи да се вперени во нас. Изложеност на анализа од останатите може да претставува вистински немир за некои луѓе. Иако сме свесни дека совршенство не постои, сепак тешко ги прифаќаме сопствените недостатоци, а токму нив ќе ги видат и другите доколку почнеме да се истакнуваме и да постигнуваме успеси. Од тие причини, да не се наруши веќе изградената слика која луѓето ја имаат за нас, остануваме на позицијата во која сме идеално заштитени од “разоткривање”. За да се совлада ваквата пречка неопходно е да станеме свесни за сопствените недостатоци, да прифатиме дека постојат, да не се срамиме од истите, односно од самите себе и да работиме на нивно надминување.
Не заслужувам успех. Во голема мера со ваквата претпоставка се поврзува самодовербата која ја имаме на социјално, интелектуално и емотивно ниво. Доколку не веруваме дека сме способни за успех и истиот го заслужуваме, голема е веројатноста дека нема да преземеме чекор кон себереализација. Со ваков став кон самите себе, луѓето не можат да ги видат своите способности, а за сметка на тоа се перцепираат како неуспешни и несреќни. Песимизмот и самокритичноста се на високо ниво. Доколку постигнеме успех, себе ќе се доживуваме како наметливи, агресивни, нескромни и бесчувствителни. Спознанието на сопствените добри страни може да ја намали напнатоста во ваква ситуација и да помогне во преврамување на сликата за себе од негативна во позитивна.
Неизвесност. Најизвесна и најбезбедна е моменталната позиција, но што доколку сме на истата работа со години и при секоја можност за напредок нашата одлука е да си останеме каде што сме? Покрај сите стравови, кај човекот се јавува и страв од неизвесност, односно страв од непознато. Неговото влијание нѐ прави пасивни за нови предизвици и не ни дозволува да прифатиме ризик. Подлогата на која стоиме можеби не е најдобра, но барем е позната и точно знаеме што од нас се бара додека сме на неа. Кога би постигнале успех тоа би значело и нови одговорности, нова средина и можеби нов начин на живот. Чувството на напнатост поради неизвесноста која нѐ очекува, може да се намали доколку непознатото го направиме познато. Прибирање информации за новите очекувања и одговорности, како и барање поддршка од соработниците, во голема мера ќе придонесе кон прифаќање на нова улога во работата, а воедно и кон професионален напредок.
Љубомора. Ставот кој го имаме кон успешните често го проектираме на самите себе кога имаме можност да станеме успешни. Доколку на успешните гледаме со љубомора и завист, голема е веројатноста дека кога би станале успешни ќе нѐ оптоварува мислата дека и другите гледаат така кон нас. Но, проекцијата не е единствена причина за тоа. Однесувањето кое може да стане препотентно и понижувачко кон останатите ќе предизвика уште поголема реакција на љубомора и завист, со што ќе се потврди ставот дека на тој начин се гледа кон успешните. Во ваков случај може да помогне соочувањето со сопствената завист, наспроти потиснување на истата во несвесните содржини.
Револт кон погрешно избрана професија. Доколку се направи погрешен избор уште на почетокот, веројатно е личноста да се саботира и да не се стреми кон успех. Убедувајќи се свесно себеси дека се е во ред, несвесниот револт се појавува во функција на стравот од успех. Тоа е слично како да се возиме со погрешен воз и секоја станица е погрешна, каде и да се симнеме сепак сме на погрешна дестинација. Освестување на сопствените потреби и желби може да го надмине ваквиот внатрешен конфликт и да ни помогне да појдеме од почеток, но кон вистинската цел.
Одржување на балансот помеѓу приватниот и деловниот живот. Чувството на вина има моќ да го наруши нашиот душевен мир доколку сметаме дека сме направиле голема жртва на приватно поле за да постигнеме професионален успех. Пливањето меѓу овие две полиња не е едноставно. Поставувањето приоритети ќе послужи како јасна слика за нашите потреби и извори на задоволство, а свесноста дека ни е дозволено да бидеме успешни во повеќе сфери истовремено, ќе го надмине чувството на вина.
Заеднички особини на сите наведени и ненаведени поставки кои го поддржуваат стравот од успех, се нивната несвесност и корените кои ги носат од раното детство. “Забрана” за успех родителите им пренесуваат на сопствените деца преку најразлични начини. Некои несвесно го игнорираат или омаловажуваат успехот на детето, некои се перфекционисти и во сѐ наоѓаат замерка, некои едноставно не даваат пример како се ужива во успех, а кај најголем број се јавува несвесна љубомора дека децата ќе го постигнат тоа што тие не успеале и на тој начин ќе се соочат со сопствениот неуспех. Кога ќе пораснат децата со ваков вид на “забрана”, колку и да се инелигентни и способни, пред некој успех необјасниво ќе им се “случат” некакви несреќи или незгоди и нема да успеат. Или, доколку успеат, нешто друго во ист момент ќе добие посебна важност, па така тие нема ни да забележат дека успеале.
Постојат безброј патишта кои ќе нѐ одведат до одговор на прашањето: Зошто се плашам да успеам? Но, постои еден пат да дојдеме до тоа прашање, а тој е – да се познаваме себеси. Кога ќе станеме свесни за постоењето на страв од успех и ќе собереме храброст да се соочиме со истиот, тогаш сме на вистинскиот пат да станеме успешни и да уживаме во сопствените достигнувања.