Винската индустрија има голем извозен потенцијал

59

Министерот за економија, Крешник Бектеши на одбележувањето на Светскиот ден на вранецот, истакна дека иако сме во економска криза предизвикана од пандемијата Ковид-19, промоција на македонското вино во странство може да се искористи како можност за освојување нови пазари.

“Еден од нашите стратешки извозни земјоделски производи е виното, а Министерството за економија во наредниот период има предвидено мерки за поддршка на кластерските здруженија преку кои ќе може компаниите здружено да настапат на странските пазари. Тоа ќе има дополнителен поттик за раст на трговската размена, посебно за зголемување на македонскиот извоз“, порача Бектеши.

Исто така беше промовирана брошура за промоција винската индустрија на Северна Македонија, чијашто подготовка е поддржана од Министерството за економија преку Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво.

Министерот се заблагодари на здружението Вина од Македонија за континуираната соработка во делот на промоција на македонската винска индустрија.

“Вина на Македонија, е пример за успешен кластер, кој ја поттикнува соработката на фирмите производители на вино, активно работејќи на нивната конкурентна понуда, препознатливост, промоција и зголемување на извозот. Министерството за економија преку КИП Програмата за 2019 година има доделено 788.436 денари (12.800 евра) финансиска поддршка на активности на кластерот Вина на Македонија за изработка на промотивен материјали за македонската винска индустрија“, потенцираше Бектеши.

Министерот за земјоделство, Аријанит Хоџа упати честитки до сите производители на вино, како и до сите лозаропроизводители на сортата вранец.

“Со одржување на ваква манифестација се осигурува препознавање на виното Вранец и целта е да се стави во повисока ценета категорија, што за производителите значи подобра позиционираност на пазарот и поголем доход. Препознатливоста на Вранецот се поврзува и со препознавање на подрачјата на кои се произведува, а со тоа се придонесува на туристичките понуди и одржување на развој на руралните подрачја како и целосна препознатливост на нашата земја. Како идна земја членка на Европската Унија желба ни е да со одржување на Светкиот ден на Вранецот да пратиме порака дека сме посебно горди на производителите на винско грозје и на производителите на вино, бидејќи сме сигурни дека ќе се препознае добриот квалитет на македонското вино Вранец“, потенцираше Хоџа.