
Виолината на која свиреше еден од членовите на групата музичари при потонувањето на Титаник е продадена на аукција за 1,45 милиони долари.
Високата цена на виолината постави нов рекорд на предмети продадени од потонатиот брод. Виолината беше продадена на колекционер од Англија, по 10 минутно телефонско наддавање.
Инструментот кој му припаѓал на Волис Хартли беше пронајден до неговото мртво тело, по давењето во океанот, кобната вечер на 15 април 1912 година.
На инструментот стои потписот на свршеницата на 33 годишниот виолинист, Марија Робинсон, како симбол на нивната свршувачка. Виолината беше продадена заедно со кожната футрола во која беше најдена со испишани иницијали на Хартли (W.H.H).
Со децении за виолината се веруваше дека е изгубена, но истата беше пронајдена на таванот од една куќа во североисточна Англија, во 2006, што предизвика дебата за нејзината автентичност, која експертите неодамна ја решија.
Хартли заедно со своите придружници од бендот ја свиреа мелодијата Nearer, My God, to Thee, со цел да ги смират патниците кои во паника се обидуваа да се качат на кајчињата за спасување, додека Титаник тонеше во ледениот океан.